Според кој устав владата на Груевски има право да снима и плаќа пропагандни спотови?

by Фокус

Текстов е објавен на 12-ти декември 2008 година, во неделникот „Фокус“ број 702

Пишувал
Дарко ЈАНЕВСКИ

Владините рекламни кампањи веќе подолго време го предизвикуваат вниманието на јавноста, посебно по цврстиот, непоколеблив став на Владата, небаре го брани Сталинград, да каже колку пари троши за нив и во чиј џеб одат тие пари. Така, тоа што на почетокот дури изгледаше симпатично и беше сфаќано како еден вид забавна политика, всушност стана прилично сериозна работа. А, за секоја сериозна работа, нели, таква треба да биде и подлогата. Значи, кој е основот од кој Владата го црпи своето право да го арчи буџетот за да се рекламира и себе си, ама и своите проекти?

Рекламите не се нов изум и главно се користат за да се пропагира некој производ кому му е потребен пробив на пазарот. Меѓутоа, Владата не е акционерско друштво, ниту произведува парфеми или млеко. Зошто тогаш ни троши од парите за да ни каже „ветуваме – остваруваме” и врз која основа тоа го прави?

ТРЕВАТА ТЕ МОЛИ…

Владата работи во рамки на надлежностите определени со Уставот на РМ и Законот за Влада на РМ. Таму е определен кругот на работи за кои таа е овластена и задолжена да ги врши. И тоа се рамките во кои таа треба да се движи. Излегувањето надвор од нив би значело дека владата е таа што постапува спротивно на законските прописи, па го губи авторитетот да се обидува законското однесување да го наметне на другите.

Е, што вели тогаш Законот за Влада за спотовите преку кои Груевски и неговите министри ги информираат, но и едуцираат граѓаните? Ништо посебно, освен дека таа работи врз основа на своја годишна програма и дека е должна за програмата и за реализацијата на таа програма да ја известува јавноста. Начинот на кој Владата тоа ќе го прави, вели Законот, ќе се определи со Деловникот за работа на Владата. И тоа е сѐ, освен едно дополнување извршено минатата година токму од оваа владејачка гарнитура кое вели дека „редовното информирање на јавноста за работата на Владата и за донесените заклучоци го врши портпарол на Владата на РМ кој го именува и разрешува Владата“.

Значи, Владата си именува портпарол кој е платен од буџетот што се полни од граѓаните, за да ги информира тие граѓани што работи. Згора на тоа, безмалку и секое министерство има портпарол, чија должност, освен да зема плата, е и да ја информира јавноста за работењето на ресорите.

Тоа се законските одредби. Нема никакви рекламни и пропагандни кампањи, нема подигнување на свеста на граѓаните, нема помагање на старици да поминат преку улица, воопшто, нема ништо што би упатувало на тоа извршната власт да може да прави кампањи од типот: „Тревата те моли, не гази ја боли“.

Но, можеби тоа што го нема во Законот, го има во Деловникот за работа на Владата? Веројатно не случајно на него упатува Законот за Влада на РМ?

За жал, и таму страниците се празни. Барем во однос на овој проблем. Според Деловникот, претседателот на Владата е тој што се грижи за информирање на јавноста за работата на Владата, а информирањето се остварува преку портпаролот. По оценка на претседателот на Владата, во одделни случаи информирањето може да го врши и еден од замениците односно министерот на одделниот ресор.

Според Деловникот, Владата ја информира јавноста и преку прес конференции, организирање средби со претставниците на медиумите, печатење билтени, издавање соопштенија и преку интернет страницата на Владата.

НЕМА СЕКОГАШ ДВЕ ЗЛА

Ете, отприлика тоа се правните можности што ѝ стојат на располагање на Владата за информирање на јавноста. Како што може да се види, тука никаде не постои можност за плаќање и снимање пропагандни спотови. Ако тоа е така, тогаш останува нејасно врз кој основ Владата ги исплаќа агенциите преку кои ги врши нарачките. Не е спорно дека било кој пописмен правник или сметководител во Владата може да најде некоја „дупка” преку која ќе ја покрие нарачката и преку која ќе го исплати спотот. Но, кога ќе се погледнат цитираните одредби, кога ќе се прелистаат уште еднаш надлежностите што било која влада на РМ ги има, а кои се опишани во Уставот и законите, лесно ќе се дојде до заклучок дека место за вакви работи нема.

Тоа не значи ништо друго освен дека во секој поединечен случај Владата излегува од своите надлежности, што ќе рече, троши пари за нешто за што не е овластена. Таквото постапување не може да се оквалификува никако поинаку, освен како противправно. Како резултат на тоа противправно постапување, се одлеваат пари од буџетот, што значи на една страна се јавува минус, а се прелеваат во џепчињата на некои рекламни агенции, што значи на друга страна има добивка. Тоа по дефиниција е злоупотреба на службената положба која се гони. И тука завршува приказната со пропагандните кампањи на Владата. Тоа што гонење нема, ниту пак ќе има, е веќе друга приказна.

Останува дилемата околу тоа дека меѓу тие кампањи има и такви кои навистина можат да се оценат како полезни. На пример, таа за пушењето. Како може една таква кампања да претставува злоупотреба и да биде оквалификувана како штетна, сеедно што се одлеало некое денарче од буџетот? Постои ли нормален човек кој би кажал дека не е потребно во јавноста да има што повеќе такви кампањи?

Но, како и секој медал, и овој има друга страна. Прво, за да се разговара со аргументи, би требало да се имаат повратни податоци за тоа колку благодарение на таквата кампања се намалил бројот на пушачите во Македонија? Одговорот веројатно е – ни малку. Понатаму, кај ветераните во пушењето не помага ниту една кампања. Тие попрво ќе го исклучат телевизорот, ќе ја скинат страницата од весникот на која е платената рекламата и ќе ја завртат главата кога минуваат крај билбордот од кој им се смеат некои исцрнети бели дробови, отколку сериозно да се обидат да се откажат од цигарите благодарение на подигнатата свест со владина помош.

Таквите спотови евентуално можат да повлијаат врз младите, но тука има друг проблем: тешко дека ќе најдете некој од нив кој седи дома пред телевизор во ударните термини (а тоа кај нашите телевизии се вестите) и гледа како Дарко Панчев или некој друг му кажува оти пушењето е штетно. Но, дури и да не е тоа така, фактот што ефектот од ваквите кампањи не може да се измери, значи и дека не може да се утврди оти со потрошените пари е постигната целта. Можела Владата и во Вардар да ги фрли тие пари, и притоа на тендер да го избере најповолниот понудувач за таа работа – би било сеедно зашто помеѓу тоа и кампањите на Владата на Груевски би можел да се постави знак на равенство. Оти некои појави какво што е пушењето, сепак, се многу повеќе сериозни за да може целата работа да се сведе на некој спот.

Сепак, еве и да прифатиме дека за кампањата за пушењето може да ѝ се прогледа на Владата низ прсти. Цигарите се причина за една од најсериозните болести, па нека биде дека таа свесно влегла во незаконие, само и само за да стори нешто на ова поле. Еве, да прифатиме и дека размерите на последиците од пушењето во Македонија се такви што Груевски и неговите министри бирале помеѓу две зла: едното – да излезат од своите надлежности и да потрошат пари за кампања против пушењето, па макар со тоа успеале само еден Македонец да го натераат да се откаже од цигарите, и второто зло е да остават работите да се движат по својот тек. И, да прифатиме дека раководени од благородни побуди, премиерот и министрите решиле да го одберат злото што е помало: да потрошат некоја пара, па нека пукне и каде треба и каде не треба. А, кога тоа го направиле еднаш, тогаш зошто да не се повтори и со кампања за сидата, за дрогата, за вакви или онакви вакцини и за што ли уште не. Сето тоа е без можност законски да се покрие, но токму поради изборот на помалото од двете зла во случајот, дава можност да се одмавне со раката при евидентното незаконие.

ОД ДРУГАТА СТРАНА

Но, што е тогаш со кампањата која допрва ќе се реализира за јавна чистота и отпад? Ни помалку ни повеќе, во овој случај ќе се плаќа за изработка на стратегија за кампањата, дизајн на знак/лого, дизајн и изработка на ТВ спотови, осмислување и изработка на радио спотови, дизајн и изработка на принт огласи, дизајн на билборди, постери, флаери итн. Се разбира, никому не му паѓа на памет да каже дека нечистотијата е убава работа, но во Македонија таа одамна не е во такви размери за од неа на граѓаните да им се закануваат епидемии, па и не може да се третира како зло поради кое вреди да се стори злоупотреба на службената положба.

Или, што станува со платените огласи и рекламите со кои јавноста беше информирана за тоа колкави се платите во образованието и каква економска криза го тресе светот, со поента дека во такви услови, СОНК со штрајкот бара преку леб погача? Тука е и кампањата во најава за етичко однесување, платениот оглас за вредносните бонови-ваучери, спотот за Александар Македонски, па спотот за празникот 23 Октомври – денот на основањето на ВМРО и така во недоглед.

Проблемот за Владата е што трошењето буџетски пари за овие намени не може да се оправда и покрие со ниту една законска или деловничка одредба. Тоа едноставно не спаѓа во владините надлежности одредени со Уставот на РМ и Законот за Влада. А трошењето пари за цели за кои се нема овластување, одамна е дефинирано како злоупотреба, и тоа не само во Македонија.

Притоа, не е спорно дека Македонија нема систем кој би го санкционирал ова. Таа немаше систем ни кога на времето Љубомир Фрчкоски финансираше џез-фестивали и кога подоцна се даваа пари за фолк фестивали. Нешто системот се пробуди кога Царинската управа пред седум-осум години даваше спонзорства на фудбалски клубови (или што ли веќе беше), но и тоа повеќе беше театар за народот отколку вистинска реакција на државата. Затоа, системот не може да реагира ни денес. И нема да реагира ни во блиска иднина.

Што не значи и дека сето тоа треба да се премолчи. Оти, на граѓаните можеби навистина им е потребно, за некои работи, да им се подигне свеста. Па кога тоа е така, ете, и ние да „ штрбнеме „ еден мал дел од таа месијанска улога на Владата. Со мала разлика – парите што ние ги трошиме за таквата „едукација” не се од буџетот на државата.

 

СДСМ: МОЛЧАТ И СИ ГИ ЧЕКААТ СВОИТЕ РЕКЛАМНИ ПЕТ МИНУТИ

Тоа што сегашната Влада го прави во оваа сфера, можеби и не би било толку голем проблем ако има опозиција која на тоа би знаела да се спротивстави. Меѓутоа, како и за се” друго, така и за ова прашање, СДСМ е во аут. Таква политички неспособна збирштина, одамна не е видена. Но, можеби ваквиот впечаток е погрешен. Можеби СДСМ освен по некој збор тука и таму, колку да помине редот, и нема ништо против ваквиот начин на извлекување пари од буџетот. Знаат социјалдемократите дека еден ден ќе дојдат на власт. Зошто тогаш сега посериозно да се бунтуваат против тоа што подоцна можеби ќе им послужи како добар извор на пари?

Поврзани новости