2014 бетер или better од 2013?!

by Фокус

Пишува
Јадранка КОСТОВА

Биди песимист и никогаш нема да згрешиш во прогнозите за годината што доаѓа. Тоа ми е верифицирана мудрост инспирирана од нашата транзициска стварност, која сосе иднината никако да биде better, туку е сѐ побетер. Лани, по црниот понеделник, кој „властитутките“ го прогласија за ден на демократијата, си реков, а и напишав: Тешко нас во 2013! Ама излезе и потешко од што замислував. Ниту во најцрните проекции не ни помислував дека во оваа црна 2013 „Фокус“ ќе го загуби столбот, нашиот Никола Младенов!

Токму пред една година, на оваа страница од неделникот, Никола констатираше дека „со многу неизвесности влегуваме во годината нова“. Имаше и надеж или апел кога напиша „дај Боже, да биде помалку лоша од оваа што изминува“. Ама Господ не го послуша!

И со ваков финиш на оваа проклета 2013, одлучив за првпат да избегам од солуцијата „биди песимист“. Ќе влезам како пророк во еден луд оптимистички филм. Овојпат ќе пишам „нормални желби“ до Дедо Мраз, кои верувам дека ќе бидат „остварени“. Особено имајќи го предвид демократскиот хабитус на преродбениците.

grujo– „Скопје 2014“ да се збогати со уште 100 споменици за инает на предавничката опозиција и странските платеници. Убедена сум дека може да бидат двојно повисоки, а тројно поскапи. И да цркнат душманите сите Вале да ги работи, Фиренца да ги лие, Андреј да не може да спие!

– Да се вметне во Законот за медиуми специјална одредба -владините субвенции за медиумите, што популарно се нарекуваат владини реклами, да бидат исклучиво наменети за медиумските обожаватели на преродбата. Очекувам сесрдна поддршка за ваквото легализирање на седумгодишната пракса и од амбасадите на САД и на ЕУ во Скопје.

– Да се заменат пратеничките прашања во Собранието како демоде ствар со еден најмодерен институт – министерски прашања. На овој начин Јанкулоска, Ставрески и дружината им верна да добијат законско право да им поставуваат „актуелни“ прашања на опозициските пратеници за дешавки од 1993 година. Одговорот, согласно деловникот, да може да трае дури 15 секунди.

– За да се заштеди на пари, кои ќе бидат корисни за да се направат уште споменици на по три коња и тоа, да се укинат обвинителството и судството. И така се експозитури на Илинденска бб, ама така и официјално Јанкулоска да може да осомничи, да обвини и да пресуди, односно би му дошла Гоца како три во едно.

goca

– Коце, пак, посакувам да го докомплетира Вардар со уште десетина лаѓи, уште барем 5 панорамски тркала, рингишпили над реката, а во реката 400 и кусур илјади жални врби, колку што гласови освојува ВМРО-ДПМНЕ. А заради амбиенталност да увезе едно двесте пингвини да шетаат на брегот. Зашто? Да привлечат, де, туристи!

– Груевски по ниедна цена да не прифаќа компромис со Грците за името. Уште повеќе, и во Уставот да се прогласиме за Бивша Југословенска, покрај она Република Македонија зашто веќе бре емотивно се врзавме за Бивша ем Југословенска.

– Во највисокиот правен акт да се устоличи Никола Груевски како доживотен водач на нацијата, согласно амандманската интервенција – штом една партија ќе победи шестпати последователно. Губитниците, пак, да се забранат, а нивните лидери да завршат со доживотен затвор.

– Имам огромна желба Ѓорге Иванов пред крај на мандатот да му додели орден на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун бидејќи, нели, кој и да ја наследи власта (Во С. Кореја се наследува) нема дисконтинуитет, туку хармонија меѓу минатото, сегашноста и иднината.

– Ептен ми е голема, море најголема желба нашиот „лидершип“, онака топтан да замине на едногодишно „роуд-шоу“ низ планетата Земја, а може и на Марс.

Ех, имам уште прогнози пласирани како желби, ама немам простор. Како што реков, ги нафрлам како желби од пуст мерак еднаш да кажам дека ми се исполниле желбите што сум ги посакала за Новата година. А овие во најголем дел се остварливи. Барем со ваква власт!

Нашиот народ вели: Дај му власт за да видиш каков човек е. Европските демократии тоа го формулираа како „власта расипува, апсолутната власт апсолутно расипува“, што е сублимат на вековните искуства дека неограничената моќ ги буди сите човечки ниски страсти. Мојот фаворит, сепак, е репликата на најдуховитиот драматург Бернард Шо: „Не е вистина дека власта ги расипува луѓето. Вистина е дека ако будалите дојдат до власт, ја расипуваат власта“.

Ќе биде ли 2014 бетер или better од лудата и незаборавна, црна 2013?

Поврзани новости