Според експертите спасот за СЈО е во Јавното обвинителство

by fokus

Наскоро истекува предвидениот мандат од 18 месеци на СЈО, а продолжувањето на истиот и понатаму е неизвесно.

Тимот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во повеќе наврати бараше продолжување на нивната работа, а премиерот Зоран Заев рече дека се разгледуваат сите алтернативи, при што истакна дека е можно СЈО да се вклучи како посебно одделение во државното Јавно обвинителство.

Според правните експерти, најдобро решение би било да се продолжи мандатот на специјалните јавни обвинителки, но како што велат, доколку тоа не може да се спроведе, втора најдобра алтернатива би била инкорпорација на СЈО во посебно одделение во државното Јавно обвинителство.

„Продолжувањето на мандатот на СЈО може да се изведе преку гласање во Собрание со двотретинско мнозинство, но поради тоа што сме свесни дека специјалните обвинителки му претставуваат голем проблем на членството од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, токму затоа сметам дека би било тешко да се изгласа продолжувањето на мандатот. Сепак, сметам дека мора да се пронајде некаков начин и да се инкорпорира СЈО во посебно одделение“, вели адвокатот Александар Тортевски.

Премиерот Зоран Заев истакна дека и натаму ќе остане посветен на изнаоѓање начин за продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, се надева дека политичките партии ќе најдат начин и ќе се договорат околу продолжување на мандатот.

Како што беше предвидено со Законот за СЈО, на тимот на Катица Јанева му беа оставени 18 месеци за поведување нови обвиненија и уште пет години за да ги докаже отворените случаи, но тие 18 месеци веќе поминаа, па мандатот на СЈО истекува на 30 јуни годинава.

Поврзани новости