Според белградска „Политика“ има раскол во МПЦ околу Вранишковски!

by Фокус

Српскиот дневен весник „Политка“ неделава шпекулираше дека се сменило расположението меѓу архиерејите на МПЦ и дека голем број од нив не се согласуваат со потезите на архиепископот Стефан и со судските гонења на владиката Јован Вранишкоски. Меѓутоа, овие информации се од анонимен соговорник на белградскиот медиум.

Оваа информација е пласирана како дел од текстот посветен на црковно-судска постапка на Синодот на Српската православна црква против поглаварот на МПЦ која беше објавена неделава.

Како што е наведено во соопштението на Синодот, постапката против архиепископот Стефан е покрената „поради упорното останување во раскол, нехристијанското учество во прогонот на Архиепископот Јован, канонскиот поглавар на автономната Охридска Архиепископија и неговото свештенство, монаштво и верен народ, како и заради низа други антиканонски активности“.

Поглаварот на МПЦ неодамна испрати писмо до архиерејите на неколку помесни православни цркви во кое, според српските свештеници тој го клеветел Архиепископот Јован (Вранишкоски) и му се заканувал.

„Црквата не реагира инстинктивно и не се работи само за тоа писмо, тука во прашање се дванаесет години прогон и страдања. Дванаесет години српската црква го повикува архиепископот Стефан да го прекине прогонот врз владиката Јован и Охридската архиепископија, да се врати во канонско единство, но тој не само што одбива тоа да го направи, туку го засилува притисокот врз свештенството, монаштвото и архиерејите на Охридската архиепископија. Не само што судски го гони владиката Јован, туку тој го прошири прогонот и врз останатите архиереји, свештенството, монаштвото и верници, та 19 од нив се осудени условно на по две години затвор“, објаснува соговорникот на „Политика“.

Поврзани новости