Спојувањето на „Комерцијална“ и „Стопанска банка Битола“ може да ја концентрира моќта на едно место

by fokus

Спојувањето на двете банки „Комерцијална банка“ и „Стопанска банка Битола“ може да ја концентира моќта на едно место, да ја гуши конкурентноста и да диктира други цени, вели за „Фокус“ економскиот аналитичар Абил Бауш по најавата за спојување на двете комерцијални банки.

Според него, од економски и финансиски аспект спојувањето на двете банки би значело поголем капитал и ресурси за инвестирање и кредитирање како и рационализација на трошоците, затворање на двојни филијали и намалување на персоналот.

-Но, негативниот аспект би бил во тоашто со поголем пазарен удел, спојувањето би можело да ја зголеми присутноста и конкурентноста на споената банка, односно колку повеќе се концентрира моќта на едно место ја гуши конкурентноста и би диктирало други цени. Би се појавил ризик од „преголеми за да паднат“ сценарија, кој би поставил ризик за финансиската стабилност на државата. Услугите и цените кои би ги нуделе со намалена конкурентност, може да доведе до повисоки цени на услугите за корисниците, вели Бауш за„Фокус“.

Неделава „Комерцијална Банка“, која воедно е и најголемата банка во земјава извести дека ја разгледува можноста за присоединување на Стопанска банка Битола, а иста информација објави и Стопанска банка Битола.

Двете известувања беа објавени до инвеститорската јавност преку Македонската берза.

Оваа намера за присоединување нема обврзувачки карактер, вистинската длабинска анализа ќе биде спроведена после усвојувањето на завршните сметки за 2023 година на двете банки на нивните Собранија во 2024 година.

Како што објаснува Бауш, процедурата на спојување на два финансиски субјекти започнува со предлог за спојување којшто се носи од Управните одбори на двете банки и тие предлагаат спојување на своите акционери.

-Понатаму, следува евалуација на независни финансиски советници и ревизори (аудитори) кои ја анализираат финансиската ситуација на двете банки и даваат извештаји и препораки. Следната фаза е одобрување од страна на акционерите на двете банки кои мора да го одобрат спојувањето. При тоа треба да се земе и мислење и одобрување од регулаторите на финансискиот пазар во случајот Народната Банка и другите надлежни институции кои мора да одобрат спојувањето. И сосема на крај се прави Интеграција односно по одобрувањето, почнува интеграцијата на системите, персоналот, продуктите и услугите, објаснува Бауш.

Претседател на Управниот одбор на Комерцијална банка е Хари Костов, a nајмногу акции во  банката има „Адора инженеринг“.  „Стопанска банка Битола“, според Централен депозитар на хартии од вредност, има само еден акционер што поседува над 5 отсто од акциите, компанијата „Пелистерка“ на семејството на бизнисменот Цветан Панделески.

Но, банката има многу други акционери, а во минатото се споменуваа семејствата Камчеви, Мијалков.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости