Жена работена во МВР воедно и осомничена во големата акција Титаник за изборни измами, пред Специјалното јавно обвинителство изјавила дека и бил вршен притисок да не ја кажува вистината пред обвинителите. Тоа е опишано во решението на Кривичниот совет каде се поместени наодите на СЈО.
Обвинителите, имено барале притвор за екс министерката Јанкуловска, токму поради ваквиот притисок врз вработената.
„Имено, откако се оформило Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, значи кога веќе се насетило и почнало да се очекува дека ќе се отвараат постапки за тие активности поврзани со изборните нерегуларности, влијанието врз лицата кои биле вмешани заедно со осомничената Ј……, веќе почнало. Конкретно, еден од исказите на еден од осомничените кој е приложен како доказ, укажува на намерата за уништување на трагите и доказите и влијание врз соучесниците од страна на осомничената која веќе се обидела да ја реализира преку тогашниот ш… К.Т. и преку вработениот Р.С.. Конкретно на осомничената Ј. Г. и било побарано да се воздржи од било каков инкриминирачки однос против осомничената до изборите на 24.04.2016 година, а потоа поради победата на ВМРО се ќе било успешно завршено и таквото сведочење ќе се ценело како највисок акт на патриотизам во спротивно Ј. би била предавник. Појасни дека Ј.Г. по формирање на ова обвинителство, откако од актуелниот м…………..била повикана на разговор во врска со состојбата со незаконски издадените лични карти, веднаш потоа преку лицето Р.С. преку некакви гаражи и скриени влезови била однесена кај сега осомничената во просторите на ВМРО каде што и било побарано да одговори што кажала кај актуелниот м….. Ова не е единствен наврат во кој што се вршел обид за влијание врз Ј.Г. Во останатите наврати осомничената Ј…… била психички малтретирана и и се вршел притисок да пред обвинителството не ја зборува вистината затоа што таа би довела до вистината за К.Т. и Г.Ј. И на нејзиното работно место имало обиди за влијание, поради што таа децидно се изјаснила дека не се чувствува безбедно самата и нејзиното семејство. Поради овие причини смета дека определувањето на мерка притвор против осомничената Г.Ј. поради постоење на причините предвидени во чл165 ст.1 т.2 од ЗКП, е сосема основано.“, се вели во решението каде што се презентирани наодите на СЈО.
Од друга страна Кривичниот совет сметал дека осомничената поранешна министерка можела уште претходно да влијае на сведоците, а со оглед на тоа што сега веќе не е минуистерка неоснован е стравот за влијание врз сведоци.
„При одлучувањето судот ја имаше предвид околноста дека обвинетата доколку имала намера да уништи траги и материјални докази во врска со кривичните дела, тоа веќе можела да го стори во изминатиот период, на кое нешто упатува фактот дека обвинетата била запознаена со поднесените кривични пријави за што и биле составени четири записници во основното јавно обвинителство Скопје, а кои на судот му се предадени во фотокопија. Имено, записниците се составени на 27.08.2015 и 31.08.2015 година, што значи дека од нејзиното испитување во ОЈО Скопје се поминати неполни шест месеци, во кои доколку обвинетата имала намера, можела трагите и доказите да ги уништи и во исто време можела и да влијае на сведоците. Во конкретниот случај не постои ниту едно конкретно дејствие кое упатува на постоење на основан страв од влијание на сведоци. Со оглед на тоа дека обвинетата е поранешен м…………., не постои можност за уништување на траги и докази кои се наоѓаат во ова м……, па со тоа судот смета дека неосновано е стравувањето дека може на ваков начин да го попречува водењето на постапката. Судијата на претходна постапка смета дека во овој момент нема потреба од обезбедување на присуство со определување на мерка притвор, посебно при вакви околности кога од првите дејствија е поминат подолг временски период во кој обвинетата веќе можела и да влијае на сведоци и да уништи траги и докази во врска со кривичните дела за кои се товари“, се вели во одлуката.