Македонската јавност треба да знае оти 27 април не може да се повтори во ниту еден момент. Граѓаните треба да бидат безбедни, институциите функционираат и секој без разлика дали е член на политичка партија, дали е граѓанин, кој има намера да учествува повторно во нарушувањето на уставниот поредок на Република Македонија му упатувам порака да се откаже од таквата намера, бидејќи ние сме цврсто решени да се чува уставниот поредок и да се зачуваат институциите на системот, порача министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски од Радовиш, одговарајќи на новинарско прашање дали протестите пред изгласувањето на уставните амандмани може да ескалираат и дали може да се случи нов 27 април.
Очекува денеска пратениците во Собранието на РМ да имаат капацитет да донесат важна одлука за иднината на државата.
На обвинувањата на претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека на протестите имало полицајци провокатори, министерот Спасовски рече дека има полицајци кои си ја вршат својата работа, полицајци кои го штитат јавниот ред и мир, полицајци кои ја гарантираат безбедноста на државата.
– Мене ми е дегутантно да слушам од еден лидер на политичка партија да потценува една институција и да потценува полициски службеници кои што работат за нашата безбедност, за сите граѓани и за безбедноста на тој лидер. Впрочем тој лидер на ВМРО ДПМНЕ има полициско обезбедување кое што го бараше за да го заштити. И сега одеднаш слушаме такви квалификации. Мислам дека крајно безобразно или некоректно е таквото оценување на состојбите, одговори Спасовски.
На уште едно прашање каков е ставот на Оливер Спасовски доколку не поминат уставните амандмани и дали претседателот на СДСМ, Зоран Заев ќе поднесе оставка, Спасовски рече дека ќе успеат во оваа битка, бидејќи таа е многу важна за иднината на Република Македонија и ќе продолжеле многу цврсто понатаму во развојот на државата.
Запрашан за бегството на поранешниот премиер Груевски и дали е лоцирана одговорност со оглед на тоа дека на 24 минатиот месец во Конче изјавил дека во рок од две седмици МВР ќе излезе со официјална информација, министерот Спасовски одговори:
-Јас спомнав дека обвинителството за две седмици ќе излезе врз основа на инфрмации, а не МВР што е многу различно. Кога ќе ги собере сите информации ќе ја извести јавноста, а МВР постапува по секој налог што ќе биде даден по обезбедување на информации. Значи, има многу информации, анализи и така натаму, но тоа го оставам на обвинителството да ги анализира и да ги соопшти на јавноста, одговори министерот Спасовски.