Амди ќе донира храна од Ромски бал, апелира да се јават заинтересирани хуманитарни организации

by Fokus

Сета храна која што ќе остане вечерва, по завршувањето на Ромскиот бал, ќе биде уредно спакувана и донирана за социјално загрозени семејства. Апелирам доколку има заинтересирани организации, кои би можеле да ја земат и да ја расподелат, слободно да ме контактираат мене, или пак на некој од останатите, кои се дел од организацијата. Се работи за големо количество на храна, ние вечерва ќе имаме околу 1.500 гости, трпезите ќе бидат полни. Печени јагниња, разни специјалитети, пијалоци… Верувам дека доста од храната ќе остане, треба да бидеме солидарни, ќе ја поделиме на сиромашните граѓани. Има многу Ромски семејства кои се во незавидна состојба, треба да мислиме и на нив – раскажа за ,,Фокус” пратеникот и лидер на Ромите, Амди Бајрам, кој е организатор на Европскиот Ромски бал.

Настанот ќе случува вечерва во хотелот ,,Александар Палас” во Скопје. Ќе бидат присутни гости од целиот свет, ќе настапуваат познати музичари, а подготовките за балот започнаа уште пред неколку недели. Годинава е јубилејна, 40-та по ред како се одржува манифестацијата која е една од најголемите помеѓу Ромската заедница. Токму поради раскошната прослава која се случува секоја година, на социјалните мрежи деновие се појавија апели, храната која што ќе остане да не се фрла, туку да се подели на сиромашните семејства.

-Веднаш штом слушнав за апелите, без двоумење ја прифатив идејата да се подели храната. Се ќе биде сортирано и спакувано, нека се јават заинтересираните хуманитарни организации – порача Бајрам.

Како потсетување, цените на билет за едно лице за балот се 50 евра за ВИП силвер мени, комплет вечера, закуски, десерт, пијалок и половина јагне на маса, и 100 евра од лице за ВИП голд мени, кое вклучува вечера, закуски, десерт, пијалок и цело печено јагне на маса.

Вики Клинчарова

Поврзани новости