Најважна реформа е во безбедносните служби и за системот за следење на комуникациите, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за 1 ТВ.
-Очекувам многу скоро да се најде решение за нов директор на ОТА. 14 кандидати се пријавени. Нашата цел е тоа да бидат експерти. Има потенцијал во досегашните кандидати, тоа не се политички определени лица – вели Спасовски, додавајќи дека за таа цел разговарале и со опозицијата.
Во однос на информациите за руско мешање во внатрешните работи на Македонија преку грчки бизнисмени, за што во јавноста предупреди и премиерот Зоран Заев, Спасовски вели дека постојат сили кои се спротивставуваат на македонското влегување во НАТО, но, според него, истрагите не требало да се водат во медиумите.
-Останувам на ставот дека истрагите не треба да се водат во медиуми, службите постојано работат. Институциите се на ниво, безбедносни предизвици секогаш постојат, но нема нешто што може да не загрижува – тврди Спасовски.
Според него, државата мора да дојдеме до разрешница на политичките процеси.
-Се надевам дека опозицијата ќе биде разумна дека во моментот се работи за иднината на Македонија, а членството на македонија во ЕУ и НАТО треба силно да биде поддржано од сите политички чинители. Треба да имаме јасен став ако сакаме да ги стигнеме роковите за одржувањето на референдумот, сите се залагавме за тоа, вклучително и опзоцијата – смета тој.