Спасовски: Подготвени сме да одиме пешки или со јавен превоз на работа ако тоа го направи воздухот почист

by fokus

Полицијата заедно со инспекторите на терен ќе ги ловат загадувачите. Ова го соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по координативниот состанок во владата со премиерот Зоран Заев, на кој покрај него присуствуваа и министерот за животна средина Насер Нуредини, министерот за земјоделие, шумарство и водостопанство Трајан Димковски и инспекторатите за животна средина и на локалната самоуправа, за, како што соопшти, подобрување на состојбите во однос на загадувањето.

Вчерашната итна координативна средба кај премиерот Заев дојде само неколку дена откако повеќе граѓански здруженија за заштита на животната средина упатија отворено писмо до премиерот и до претседателот на државата Стево Пендаровски во кое бараат МВР и Армијата да бидат вклучени во патролирањето и да организираат стражи за да бидат фатени оние кои палат шуми, стрништа или отпад.

„Се договоривме сите инспекторати да си ја завршат работата во рамките на своите надлежности и да ги исконтролират сите субјекти кои се потенцијални загадувачи, да ги координираат своите активности да формираат заеднички тимови во кои задолжително ќе има униформиран полицаец, секојдневно и континуирано во сите општини во државата, а целиот процес ќе се координира од канцеларијата на премиерот, каде ќе се поднесуваат секојдневни извештаи“, информираше Спасовски.

Министерот Спасовски, прашан дали полицијата ќе оди на дивите депонии каде сега е пали отпад, автомобилски гуми и кабли кои го загрозуваат здравјето на граѓаните одговори дека полицијата ги знае конкретните точки каде што се случуваат овие недозволени активности.

„Патролите ќе ги правиме заедно со инспекторатот бидејќи тие имаат надлежности за ова да покренат постапка и МВР ќе биде поддршка за соодветно да се заврши целата постапка“, рече министерот.

Прашан од новинарите дали е подготвен да се откаже и тој и сите министри од возењето со службени возила, а парите да се пренаменат за борбта против загадувањето, Спасовски со одговор: Ако тоа ќе направи воздухот да биде чист, јас и министрите сме подготвени од утре да одиме на работа со јавен превоз или пешки!

Поврзани новости