Премиерот Оливер Спасовски на денешното отпочнувањето на работите на системот за наводнување Славишко Поле во општина Ранковце, истакна дека се работи за исклучително важен проект за развојот и иднината на општина Ранковце.
-Овој проект е особено значаен затоа што е од непосреден, директен интерес на преку 1.500 жители од населените места Псача, Петралица и Гиновци, од кои мнозинството од населението се занимава со земјоделство и сточарство – рече Спасовски.
Тој истакна дека досегашниот застарен систем за наводнување во атарот на Општината Ранковце покрива околу 40 хектари, а со новиот систем граѓаните ќе добијат модерен систем за наводнување кој, како што рече, ќе обезбедува вода за наводнување за преку 200 хектари.
-Тоа значи дека со изградбата на новиот систем за наводнување, голема површина од обработливо земјиште во општината и околните села, кое во моментов е без вода, конечно ќе биде употребливо и ќе биде ставено на располагање на земјоделците – нагласи Спасовски.
Инаку, овој проект е финансиран од „Инструментот за претпристапната помош – ИПА“ на Европската унија, во вредност од близу 1,7 милиони евра.