Избори ќе има, само прашање е кога и тоа ќе го одлучиме на лидерската средба на 12 мај, а одлуката пред се ќе се базира на интересите на државата и на граѓаните при тоа оставајќи ги на страна сите политички интереси кои ги имаме и ќе биде детерминирана од развојот на здравствената криза, порача денеска премиерот Оливер Спасовски.
-Времето на пандемијата и здравствената криза и на се она што ни се случува во државата бара висока политичка одговорност. Очекувам дека на лидерската средба ќе се постигне договор во однос на одржувањето на изборите кога впрочем тоа и е можно врз основа на сите правни активности, рече Спасовски во одговор на прашање по положувањето венци пред Споменикот на ослободителите на Скопје во дворот на Владата во чест на 9 Мај, Денот на победата на фашизмот и Денот на Европа.
Одлуката за датумот на изборите, како што рече, ќе треба да се донесе врз основа на стручните анализи на Комисијата за заразни болести.
-Не знам дали е идеално време јуни за да се одржат парламентарните избори, но заради најавите дека е можно да се врати оваа криза уште еднаш после септември, мислам дека е неопходно да се одржат што е можно побрзо, имајќи предвид дека на државата и се потребни функционални институции кои ќе можат да носат одлуки за сите прашања кои се во интерес на граѓаните, посочи Спасовски.