Спасовски ги покани пратениците да извршат контрола врз системот за прислушување

by fokus

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, уверува дека во Управата за безбедност и контраразузнавање нема незаконско прислушување, туку дека следењето на комуникациите се одвива исклучиво за заштита на устаниот поредок и во борба против криминалот. На денешната ад-хок средба со членовите на собраниските комисии, надлежни за надгледување на работата на безбедносниот сектор, ги покани пратениците да извршат увид во системот.

– Разговаравме со парламентарните комисии за надзор над УБК, сакаме да се изврши контрола во МВР, кога за тоа ќе оцени парламентот дека треба да се направи. Но и посакуваме експертска помош која ќе гарантира добра контрола на системот. Најважно е да се констатира дека немаме незаконско следење на комуникациите – рече Спасовски.

Тој посочи дека до контрола на системот за прислушување ќе се дојде преку реформи во УБК

– Настанот со прислушување создаде сериозна политичка криза и затоа нашата одговорност за реформа е значајна. Но не без инклузивност. Сакаме преку стручната јавност, парламентот  и преку отворена дебата да дојдеме до соодветно решение, ефикасна реформа која ќе гарантира заштита на човековите права – додаде министерот.

Реформите во Министерството за внатрешни работи, рече, опфаќаат преместување на опремата за следење на комуникациите во посебна Агенција. Пристап до медијациските уреди, додаде, ќе се овозможи само преку согласност од сите институции чија надлежнсот е следење на комуникациите. Спасовски најави промена на пакет закони за да се спроведат овие реформи. Меѓу првите закони кои ќе се разгледува е законот за прислушување, за кој се очекува драфт верзија до крајот на годинава.

Поврзани новости