Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски до Владата ќе поднесе предлог за разрешување на директорот на Бирото за јавна безбедност, Лазо Велковски, поради тоа што член на неговото обезбедување го упрвувал службеното возило во Грција надвор од пропишаната процедура.
Како што велат од МВР, службеното возило „Ренџ Ровер Дискавери Спорт“ било пратено во Грција со налог потпишан од Велковски, a било управувано од полициски службеник, вработен во Одделот за заштита на определени личности и објекти.
Според полицијата, директорот на јавната полиција во својот исказ потенцирал дека ангажирањето на службеното возило го направил од крајна нужност, поради закани кон него и неговото семејство и проценил оти е небезбедно неговата ќерка да патува сама.
Но, истакнуваат од министерството, во случајот целосно не била спроведена процедурата за службено патување, бидејќи покрај налогот за патување не е потпишано решение за службено патување.