Тоа што Зоран Заев со договорот од Преспа му го нуди на македонскиот народ е капитуалција од невидени размери, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ во однос на изјавата на пратеникот од власта Павле Богоевски дека договорот е патриотски чин.
„Во договорот јасно стои дека македонскиот јазик ќе биде единствениот јазик кој во Обединетите Нации ќе биде запишан со фуснота, за разлика од тоа како е запишан во моментов. Македонското државјанство ќе биде заменето со граѓани на Република Северна Македонија. Се менуваат и меѓународните кодови и кратенки. Оние останати државни симболи за кои тој говори дека ќе останат непроменети се оние кои СДСМ во минатото веќе ги промени“, велат од опозициската партија.
Од таму посочуваат дека додека власта говори за ЕУ и НАТО и европските вредности, во реалност прават се спротивно на вредностите за кои наводно се залагаат.
„Користење на службено возило за патување на годишен одмор не преставува европска вредност. Шетање по кафеани на високи претставници на Министерството за одбрана со армиски хеликоптери не е одлика на земја кандидат за членка на НАТО. Општиот грабеж кој СДСМ го спроведува повеќе наликува на слика од Дивиот Запад него ли на Западот кон кој сите граѓани на Република Македонија се стремат“, стои во партиското соопштение.