Диме Спасов, допонителниот заменик министер за труд и социјална политика денеска не се појавил на работното место, потврди министерката Фросина Ременски.
„Поради сериозно нарушување на угледот на Министерството за труд и социјална политика, јавно го повикувам дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика, Диме Спасов, да се повлече од политичката функција, од причини што постапил неодговорно за фукцијата што ја извршува, изјави Ременски.
Таа денеска на прес конференција ги наброја сите прекршоци што ги направил Спасов:
–За приватни цели и интереси, противзаконски располагал и управувал возило на Агенцијата за вработување на РМ за што не постои никаков документ за користење – решение, полномошно и налог;
– Ја загрозил безбедност на патниците во сообраќајот;
– Ненел материјална штета на возилото што го управувал и на возилата што ги удрил и противправно трошел средства за гориво на МТСП за потребите на возило кое не е сопственост на министерството;
– Ѝ избегал на полицијата со што го попречил полициското постапување за утврдување на неговата психо-физичка состојба; и надвор од секаква етика и морал
– Поттикнал друго лице, вработено како возач во МТСП, а не како негов возач, спротивно на реалната состојба да ја преземе одговорност за неговото несовесно постапување.
„Очекувам МВР да го расветли инцидентот поврзан со дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика со што ќе се покаже неселективност во постапувањето и еднаквост на сите граѓани пред законот“, рече Ременски.
Прес конференцијата на министерката ја пренесуваме во целост:
„Должна сум да ја информирам јавноста дека возилото „туарег“ што е користено од страна на Диме Спасов во саботата кога се случи инцидентот е сопственост на Агенцијата за вработување.
Ова возило не е единствено што го користел дополнителниот заменик министер. Спасов противзаконски располагал веќе подолго време уште со други три возила коишто со Одлука на Владата на РМ (бр. 42-8184/2 од 12.08.2015 година) се дадени на трајно користење без надомест на Агенцијата за вработување.
Тоа значи дека освен дополнителниот заменик министер Диме Спасов и директорот на Агенцијата за вработување, противзаконски и спротивно на Правилникот за користење на службени возила во сопственост на АВРМ, овозможил возила на Агенцијата да бидат на располагање на неовластени лица надвор од работното време и задачи.
Поради сето ова, до Владата на Р.Македонија и до надлежните органи ќе доставиме пријава за злоупотреба на службена положба и овластувања од страна на ВД директорот на АВРМ, кој спротивно на закон повеќе од двапати е именуван на функцијата вршител на должност, а во моментот извршува функција со истечен мандат. Дополнително што и Канцеларијата на Европската комисија во јули оваа година, утврдила несоодветна употреба и располагање со средствата (10 возила) кои преку ИПА фонд се набавени за потребите на АВРМ и ДИТ и побарала поврат на средства од АВРМ и ДИТ во висина од 27.000 евра. Сето ова е констарирано во неодамнешниот Ревизорски извештај за АВРМ од страна на државниот ревизор на РМ.
Ве информирам и дека во Министерството за труд и социјална политика преземаме мерки за утврдување одговорност за возач во министерството кој не е возач на дополнителниот заменик министер, а ја презел одговорност за инцидентот во саботата.
Од сите овие причини, барам, Диме Спасов, да ја преземе одговорноста за своето неодговорно и несовесно работење и да се повлече од политичката функцијата дополнителен заменик министер за труд и социјална политика.“