Соживотот треба да стане невозможен?!

by lali

arhivaТекстот е објавен во 909. број од неделникот „Фокус“ на 30. ноември 2012

Ахмети ја прати пораката. Бројни сме, па, еве, ни се може дури и среде Скопје да го вееме само албанското знаме, а Македонците да не смеат ништо да направат. Не остана покусо ни македонскиот дел од власта. Ниту во Скопје на прослава им бевме, ниту во Тирана на торта појдовме. Но, тоа не е причина за растурање на дружбата на Груевски со ДУИ. Не звучи логично, ама функционира. Очигледно, соживотот треба да стане невозможен. Што ако тоа мислење стане доминантно? Не е важно. Со тоа ќе си кршиме глава после изборите што власта не смее да ги загуби!

Пред повеќе од две децении, во Босна и Херцеговина победија големите патриоти. Сите гласаа за своите национални водачи. Тие формираа власт, која многу брзо се распадна. Србите на Милошевиќ сонуваа за Голема Србија, Хрватите на Туѓман за Хрватска во ,повјесни, граници, а Муслиманите гледаа да спасат жива глава. Додека беа ,цветот на хрватската нација, имаа сојузник во Загреб. Потоа мораа да војуваат против усојузените Срби и Хрвати, за, на крајот, во Дејтон да се дојде до каков-таков мир. После стотина илјади мртви, недоброј осакатени, раселени, понижени… Сите три народи останаа во истата држава, која повторно малкумина ја сакаат таква каква што е. Како може, впрочем, толку големи народи да бидат задоволни со толку мало парче земја?!

Нашата денешна ситуација наликува на босанскава. Партнерите во власта се во постојан судир, но, еве, за среќа, војна нема. Етничките Македонци се чувствуваат понижени, особено после Рамковниот договор, Албанците не се чувствуваат поарно од власта на Груевски, и никој не пропушта прилика да му врати мило за драго на другиот. Чиниш војна е на прагот. Особено сега, после еуфоричната прослава на стоте години албанска државност во Скопје, која не мина без критики и среде Албанците. Го критикуваа кичот и непримерната агресивност со славењето, но, тоа било веднаш дочекано со етикета од амбасадорот на Албанија во Македонија. Сите критичари веднаш станале – ,псевдопатриоти,!?

Тоа е хендикепот на непознавањето на јазикот на другиот, сега веќе и кај се поголем број млади Албанци во земјава. Денес безмалку на сите ни треба преведувач, за да разбереме што навистина се случува во соседниот двор. Како може, тогаш, таквата држава да опстане? Тешко, се разбира. Треба нештата да се менуваат од темел, доколку навистина сакаме да живееме заедно. Тоа, пак, е најспорната ,дребулија, за мнозинството граѓани. Рака на срце, во анкетите, доминираат поддржувачите на соживотот, но, секој за него и поставува услов на ,втората страна,. Главно, етничките Македонци бараат лојалност од етничките Албанци кон заедничката ни држава, наместо да мечтаат за Голема Албанија. Оти, нели, со Албанија и Косово, тие имаат уште две резервни татковини, а ние не смееме ниту во Македонијава да се чувствуваме слободни без нивна согласност!

Од друга страна, етничките Албанци бараат повеќе почит кон нивниот јазик, култура, обичаи, историја… Нешто, кое Македонците сметаат дека одамна го имаат, и тоа во преголеми количини. Што сакаат повеќе од ова што го добија и со Рамковниот?! Оди сега, па постапувај според неспорниот факт, дека и за кавга се потребни двајца. Тоа го знаеме, ама баш тоа е најтешко и за помислување, а камоли за кажување. Малкумина одат спроти ветрот, за да не ги оддува како предавници на сопствената нација, да не речам ,псевдопатриоти. Колни се во апсолутната невиност на своите и викај колку што можеш погласно во целосната вина на другите. Макар ни самиот не верувал во тоа. При сите други проблеми, кој сака да се нагрби и со таа мака?!

За белјата да биде поголема, секогаш постојат доволно причини за лицемерниот однос кон соживотот. Како капак на сѐ дојде прославата на стоте години од албанското знаме, т.е. држава. Среде македонската престолнина се развиорија албански знамиња, Бериша и Хашим Тачи одржаа ,контроверзни, говори, од македонски обележја ниту трага ниту глас. Така ли ќе се гради соживот, се прашаа бездруго и најтолерантните Македонци. Да, Ахмети нешто се дообјаснуваше, но, сето тоа се книжи во графата – после свадба тапани. Мнозинството Албанци гарант помислија дека на Груевски му вратија мило за драго, вклучително со јајцата по неговиот автомобил во Тирана. За да се поврати, пак, повреденото македонско достоинство, се погрижи Иванов, кој му удри ,корпа, на Бериша… И, на крајот, немало никаков проблем!? Коалиционите партнери биле во постојан контакт, само народот е позакрвен од било кога порано?!

Се разбира, таков е првичниот впечаток. Што навистина мисли народот, ќе кажат анкетите. Однесувањето на владините партнери може само да ни го покаже нивниот замислен правец за повеќе проценти на рејтинг-листите. Да мислеа поинаку, тие бездруго ќе најдеа начин за поинакво ,справување, и со денот на албанското знаме. Неслучајно е избрано спроведеното сценарио, кое навидум создава победници и поразени. Јасно е како ден, дека во оваа игра добиваат токму Груевски и Ахмети. Зар ќе ја играа, доколку одеше на нивна штета?! Тие, конечно, си имаат свои анкети, кои бездруго одат на рака на божем патриотската карта. И, не од сега, туку уште од Слупчане пред безмалку четири месеци!

Горе-долу, тука нема нејаснотии. Проблемот го создава албанскиот премиер. Како тоа, Сали Бериша може истовремено да биде националист и европеец, а Западот да одмолчува, чиниш не знае, какви последици предизвикува било чие повикување на остварување на соништата од минатото? Како ќе поминеше Груевски, конечно, доколку повикаше на македонскиот сон за обединување? Дали ќе се прогледаше низ прсти, само затоа што повикот стигнал на денот на некој македонски голем празник? Или ако потоа се дообјаснувал, дека обединувањето го подразбирал во рамките на обединета Европа? Уште повеќе, зошто самиот Бериша остава простор за сомнеж, кога знае дека лозунгот за Голема Албанија е најсилното оружје на сите оние што тврдат дека соживотот со Албанците е невозможен? До вчера, впрочем, слушавме дека тоа е измислица главно на Белград, за српските националисти да можат полесно да го мобилизираат својот народ за бескомпромисна одбрана и на Косово!

Точно, европската идеја е во криза и големите европски држави не знаат како таа ќе се развива. Во Брисел се карат, а не пак ние, на Балканов. Тоа, пак, може да ги остави рамнодушни само оние што не знаат дека големите одамна не си ги мерат мускулите во своите држави. Не е, белки, редот повторно да паднал на нашиот двор!

Поврзани новости