Шурбевска до „Екстра меин“: Уште малку ќе ме обвините дека имам фарма на листерии!

by Фокус

Директорката на Центарот за јавно здравје од Велес Флорентина Ристовска Шурбевска реагираше на обвинувањата што денеска ѝ ги упатија од „Екстра меин“.

– Зошто „Екстра мејн“ се обраќа до мене кога мострата ја земал Државен санитарен и здравствен инспекторат? Во Велес е стигната со интерно пропратно писмо. Да ,заведена е подоцна, тоа си стои во документот, од објективни причини и на обвинителството е да цени и разгледува докази. Како тоа дури сега се сетивте  да проверите дека сте немале во тој маркет ваши производи? Не сакам да полемизирам, ама доколку јас бев сопственик, прво што ќе проверев е тоа- вели Шурбевска.

Таа исто така бара одговори од газдата на „Екстра меин“ за тоа каде завршила вратената роба од промет.

– Дали беше ставена под 24 часовен надзор?Дали постои записник што се е вратено, кои производи , која количина, од кои маркети, кои лотови? Дали некој манипулирал со неа? Колку може да се верува дека испитувањата што се направени во факултетот за ветеринарна медицина се токму од истиот лот? Колку е тешко на машината да се отпечати ново ливче и да се залепи и да прикажете дека е од таа серија, посебно ако кај вас е сѐ.  На мислење сум дека во паниката што Ве има фатено ќе направите уште неколку кривични дела, како на пример фалсификување на деловна документација – вели директорката.

Шурбевска го прашува сопственикот дали ќе ризикува, примерокот што го чува за суперанализа, да го поделат на половина.

– Едниот дел да оди на натамошно испитување, а половината да го дадете на вашите деца да го изедат. Би сакала да ви помогнам. Лично бев во вашата фабрика, знам дека немате внатре фарма на листерии, бактеријата влегла кај вас со суровина и или не сте ја уништиле со технолошкиот процес, некаде вашите работници згрешиле, или бактеријата е посебно отпорна. Зошто не побарате испитувања на отпорноста на бактеријата, што би ве ослободило од одговорност, ами уште подлабоко заглавувате со неосновани обвинувања,фалсификувања и инсинуации. Малку недостасува уште и да ме обвините дека јас дома имам фарма на листерии па намерно сум ви ги подметнала – коментира Шурбевска.

Поврзани новости