Советот на Јавни Обвинители денеска донесе одлука да го преполови тимот на специјалната обвинителка Катица Јанева, па од нејзините 14 предложени обвинители помошници одобрени се само седум.
Според одлуката на Советот донесена со тајно гласање, во тимот на Јанева влегуваат Бурим Рустеми, Елизабета Јосифовска, Лејла Кадриу, Љубомир Лапе, Марија Ѓорѓева, Стевчо Донев и Фатиме Фетаи.
По ваквата одлука, реагираше специјалната обвинителка Јанева според која прекршен е договорот од Пржино. Таа упати апел до медиумите за да се изврши притисок да го добие тимот што и е потребен за да може да ја врши работата за која е избрана.
-Барам помош од медиумите, странците сами ќе ја видат ситуацијата, нема што да ги известувам. Апсолутно е прекршен законот за специјален јавен обвинител. Се надевам дека Советот во брзо време ќе избере и преостанатите член кои ги предложив, бидејќи јас гарантирам за нивната професионалност. Ова не го сметам за своевиден притисок и порачувам на јавноста дека ние нашата работа и со засега седумте избрани колеги ќе ја завршиме, истакна Јанева.
На денешниот состанок финансискиот план за Специјалното јавно обвинителство е одобрен.