Соседите веруваат во Панов: Јоце ќе стане голема ѕвезда во Србија!

by Фокус

Поп пејачот Јоце Панов ги собра српските медиуми и музички ѕвезди на едно место, за време на промоцијата на албумот ,,Ни Љ од љубов’’ во познатиот белградски клуб ,,Касина’’. Џеј Рамадановски, Џенан Лончаревиќ, Кики Лесендриќ, групата ,,Лексингтон’’, Тамара Милутиновиќ и многу други колеги на Панов од соседството биле дел од големата забава. Исто така, и српските медиуми покажале интерес за новиот албум на Јоце, па дошле во голем број.

– Преблагодарен сум на сите присутни за честа, имавме убава забава, ме радуваат позитивните критики од медиумите, но и од моите колеги. Многу ми значат нивните зборови на поддршка. Се изненадив од тоа колку медиуми се појавија на промоцијата и од нивниот голем интерес за мене и мојата музика. Промоцијата на албумот помина во пријатна атмосфера, и веќе имам договорено голем број на настапи во познати клубови во Србија – ни изјави штипјанецот, кој веќе подолг период живее во Скопје.

Негов менаџер за соседството е познатиот Саша Обрадовиќ, кој бил презадоволен од соработката со Јоце и интересот кој владеел за него во локалите во Србија. Неговите колеги не ги штеделе убавите зборови, и денес во тамошните медиуми се објавија текстови во кои тие му ја даваат својата поддршка на Панов, но и го опишуваат како еден од најдобрите пејачи од помладите генерации во Македонија.

– Јоце е квалитет за кого можам со денови да раскажувам само убави нешта, бидејќи заслужува. Направил прекрасен албум, со одличен тим на музичари, и верувам дека наскоро ќе стане еден од најбараните изведувачи кај нас – порача Кики Лесендриќ од познатата група ,,Пилоти’’.

Вики Клинчарова

Поврзани новости