Сопственикот на дивоградбата: Неправедно ме рушат, имам одобрение за обнова на објектот

by fokus

Мевљудин Алити, сопственикот на дивоградбата кај Мавровка, денеска за прв пат се појави во јавноста, откако багерите почнаа да му ја рушат градбата.

Тој се пожали дека прес конференцијата за новинарите ја закажал во 11.30 часот, а Владата почнала да го урива објекот пред тоа.

– Нека руши државата како што е научена да руши. Ми ги остави вработените без плата, семејството без леб – обвинува Алити.

Во однос на дозволата за градење, тој и неговиот адвокат се повикуваат на член 76 од Законот за градба, со појаснување дека за обнова на објектот нема потреба од дозвола за градба. Вели дека дека во Катастар е впишан објект од 330 метри квадратни, и дополнителни 86 квадрати. За оваа парцела тој има елаборат и објектот е легализиран како деловен објект, статус што го имало кафулето пред да биде запалено пролетва и да изгори до темел.

Тврди дека само за комуналии на општината ѝ има исплатено 4,7 милиони денари.

Алити, кој го презентираше проектот за обнова пред новинарите, вели дека немал план да се гради втор кат.

-Не градев нов објект туку го обновував изгорениот објект, кој претходно беше со метална конструкција“, дециден Алити.

Тој обвини дека некој сака да го отстрани од таа локација која како сопственик ја поседува со децении. Алити рече дека вака и во минатото се рушело политички, потенцирајќи го случајот Космос.

-Од нас е поднесено барање до Општина Чаир за обнова на објектот. Денеска гледаме дека објектот се урива. Никој не може да не условува дали ќе градиме со бетон или друг материјал, се додека не излегуваме од дозволеното место за градба и ако не ја нарушуваме стабилноста на земјиштето – вели адвокатот.

Алити вели дека на суд ќе ја бара правдата, а ако треба ќе се жали и во Стразбур.

Општина Чаир неодамна донесе одлука за рушење на дивоградбата,  но ниту една фирма не се пријави на распишаниот тендер. Вчера, на Владина седница беше донесена одлука рушењето да го врши ЈП за патишта, по што денеска со механизација се излезе на терен.

Поврзани новости