Сопругата нa Ангелов до Јанкулоска: Министерке погледни низ прозорецот

by Фокус 11:28
11:28

Сопругата на генералот Стојанче Ангелов, Јасминка, која предизвика внимание во јавноста откако нејзиниот сопруг обвини дека власта и се одмаздува, вработена како самостоен инспектор за финансиски криминал во СВР Скопје, и била испратена на работни задачи во Танушевци, Малина Мала, но и да ја обезбедува новогодишната манифестација на плоштадот во Скопје, и пиша на министерката Јанкулоска.

Нејзиното писмо ви го пренесуваме интегрално:

- Advertisements -

Министерке!!!

Погледни од прозорецот на твојот кабинет. Сеедно, можеш и од твојот стан, живееш веднаш до зградата на МВР. На само пет-шест метри, позади твојата министерска зграда, се наоѓа една барака во која се сместени две полициски служби: единицата за економски и компјутерски криминал и единицата за полициска асистенција.

Те слушав овие денови. Заклучив дека за тебе „нашата“ барака била само магацин заборавен од ЈНА. Ќе ти раскажам за внатрешноста и надворешноста на бараката. Бидејќи ти за 9 години минестерување ниту еднаш не влезе внатре. Влезната врата е дрвена. Со нога дури и ти можеш да ја „развалиш“. Кваката секој момент може да ти остане во рака. Влегуваш во руиниран ходник со излупени од креч ѕидови и разресен стар, многу стар тепих, полн со прашина. Десно од влезната врата има „шалтерче-пријавница“ кој со години е затворен. Околу 7-8 години нема дежурен полицаец. Нема контрола при влез и излез во најважната државна институција. Секој може слободно да влезе и да прошета во бараката каде се чува документацијата од сериозен економски криминал. Секој “лудак“ може да се “истресе“ на инспекторите, секретарката, аналитичарите и да го загрози нивниот живот. За ова постојано укажував на колегите и претпоставените за важноста на безбедноста на работните места на сите полициски службеници. Секогаш беше “ќути –трај“, не е приоритет! Многу често не посетуваа и пациенти од соседната психијатриска клиника, прашувајќи не “дали дошле на психијатрија“. Ние со колегите не сме ни биле свесни дека „сите сме лудаци“.

Во поранешната моја канцеларија имаше мебел од педесеттите години. Ентериерот беше уреден со три работни маси, дизајнирани со изгребана и излупена боја, со три фиоки, кои од едната страна не се отвораа и три фиоки од другата страна на бирото, кои се отвораа и не се заклучуваа. Седевме на дрвени расклацкани работни столчиња. За странките беше резервирана една распадната „фотеља“ со сунѓер што постојано се ронеше. И сега кога ќе се сетам ми предизвикува гадење и срам. Срам од вџашените лица на странките кои беа повикани на службен разговор. Сите до еден се чудеа во какви услови работиме. Иронијата да биде поголема наши странки беа директори, газди, банкари, книговодители, акционери…оние криминалците со “белите јаки“… На “картонскиот“ѕид каде што е инсталирано парното има огромна дупка кон надвор, па често влегуваа мачки. Студена зима, жешко лето. Само еден прозорец се отвара. И ние министерке се радувавме како мали деца кога наместија славина во тоалетот и чешма во распаднатата кујна. Да не заборавам во кујничката има и едно решо, со една исправна рингла. Сеуште сум згрозена од тоалетната шолја и казанчето кое за да протече вода мора нагоре да ја потегнеш врвката од коноп. Постојано немаше обична бела хартија за принтање, фотокопирање, пишување. 40-50 инспектори-користевме еден принтер, кој на два три дена остануваше без тонер или се расипуваше, па чекавме со денови да профункционира. Ние инспекторите бевме виновни и требаше да се снајдеме со хартија, затоа што Врвот очекуваше резултати со пријави и обемен доказен материјал. Началникот ни даваше броени листови. Листовите ни се делеа како коцка чоколадо. Без возила и без гориво.

Ех министерке, ова се твоите чудесни инвестирања во опремата и средствата за работа на полицијата. На чекор од тебе, Министерке!!!

 

Поврзани новости