Што е независност денеска во Македонија, прашува партијата на Љубе Бошкоски на Денот на независноста 8-ми Септември.
– Дали се независни универзитетите, академијата, дали таму имаме слободномислечки луѓе? Дали независноста подразбира слобода на изразување и имаме ли независни и слободни медиуми? Дали е независен Парламентот и дали независно одлучува? Дали е независна судската власт која во последните години пред очите на целата македонска и светска јавност организира монтирани процеси осудени од целокупната домашна и меѓународна јавност, која не допира до нив – прашува Обединети за Македонија.
Оттаму велат дека со Македонија управуваат политички фигуретки кои од објективни и од субјективни причини не можеле да бидат дел од борбата за независност на Македонија, затоа што некој од денешните министри биле во претшколска возраст, а некои повисоки финкционери во каква-таква школска возраст, а еден меѓу нив на највисока финција, од субјективни причини и од убедување како верен до крај подржувач на Југославија, како член на СКМ и СКЈ.
– Истите тие денес го злоупотребуваат и носат кодот на ВМРО – ВМРО ДПМНЕ. Тие кои успеаа да ни го одземат сеќавањето, минатото, ни наметнаа сегашност која нема допирна точка со независноста – велат сопартијците на Бошкоски кој излежува казна затвор во скопско Идризово за случајот „Кампања“.