СОНК реагира за укинување на надоместоците на плата

by fokus

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) денеска реагира на начинот на кој е донесена уредбата со која на корисниците на буџетски средства им се укинува правото на исплата на додатоци и надоместоци на плата.

Синдикатот, како што се наведува во соопштението, ја разбира моменталната состојба на државата, но реагира затоа што при носењето на ваква одлука не се прашани синдикатите како социјален партнер.

Според СОНК, платите и надоместоците на плата се уредуваат со закон и колективни договори и овие акти не смеат да се суспендираат дури и во вонредна состојба.

– Иако се наоѓаме во вонредна состојба, тоа не значи дека одредбите од законите се суспендирани и дека уредбите што ги носи Владата ќе се темелат исклучиво врз база на еднострана проценка. Од тие причини бараме, при носење на уредби со кои ќе биде намалена социјалната сигурност на работниците и другите права, да се почитуваат законите, особено Законот за работни односи, законите за дејности и Колективните договори. Впрочем, платите и надоместоците на плати се уредуваат со Закон, Колективен договор или Договор за вработување, па дури и во вонредна состојба овие акти не смеат да се суспендираат, истакнува СОНК.

Поврзани новости