МОТ: Катастрофално губење на работните часови и вработувањето поради Ковид 19

by Fokus

Пандемијата на КОВИД-19 има катастрофален ефект врз работните часови и примањата на глобално ниво. Новиот извештај на Меѓународната организација на трудот упатува на  дел од најтешко погодените сектори и региони, и дава преглед на политиките за ублажување на кризата.

Кризата со КОВИД-19 се очекува да „збрише“ околу 6,7 проценти од работните часови на светско ниво во второто тримесечје на 2020 година – што би било еквивалентно на 195 милиони работни места со полно работно време.

Големи намалувања се предвидуваат во арапските земји (8,1 проценти, еквивалентно на 5 милиони работници со полно работно време), Европа (7,8 проценти, или 12 милиони работници со полно работно време) и во Азија и Пацификот (7,2 проценти, 125 милиони работници со полно работно време).

Се очекуваат огромни загуби кај различни категории според примањата, но особено во земјите со средно високи примања (7,0 проценти, 100 милиони работници со полно работно време). Ова значително ги надминува ефектите од финансиската криза од 2008-9 година.

Секторите што се под најголем ризик ги вклучуваат угостителските услуги за сместување и исхрана, производство, малопродажба и деловни и административни дејности.

Евентуалното зголемување на глобалната невработеност на крајот на 2020 година ќе зависи суштински од идниот развој на настаните и мерките во политиките. Постои висок ризик дека бројката на крајот на годината ќе биде значително повисока од првичната проекција на МОТ од 25 милиони.

Работниците и претпријатијата се соочуваат со катастрофа, како во развиените, така и во економиите во развој … Мора да делуваме брзо, решително и заеднички. Вистинските, итни мерки би можеле да направат разлика меѓу опстанок и колапс.“, изјави Гај Рајдер, Генерален директор на МОТ.

Во моментов, повеќе од четири од пет лица (81 проценти) од работната сила во светски рамки (3,3 милијарди) се погодени од целосно или делумно затворање на претпријатијата.

Во Второто издание на Мониторот: КОВИД-19 и светот на работата, кој го објавува МОТ, ситуацијата со КОВИД-19 се опишува како „најлошата светска криза по Втората светска војна“. Ажурираните информации од истражувањето на МОТ, објавено на 18 март, вклучува секторски и регионални информации за ефектите на пандемијата.

Поврзани новости