Солидарните демиркапијци ја издигнаа куќата на семејството од Бистренци: Беа единаесет, сега се дванаесет члена, треба да им се помогне!

by fokus

Во Општина Демир Капија, во тек е солидарната акција на голем број на граѓани, кои уште во месец јули, по иницијатива на нивниот сограѓанин Благоја Велковски започнаа од темел да градат куќа во Бистренци, на социјално загрозено семејство со 11 члена.

Семејството сега добило уште еден член, односно постариот син се оженил, па се се апелира за помош, со цел куќата побргу да се заврши. Инаку, Велковски, кој веќе 24 години живее и работи во Канада, при секоја посета во родниот крај, иницира и учествува во разни хуманитарни акции, за помош на жителите на општината. Пред околу четири месеци, за ,,Фокус” раскажа дека веднаш штом слушнал за семејството од село Бистренци, родители со девет деца, од кои пет се малолетни, не се двоумел да понуди помош. Донирал 3.000 долари, со цел да се започне со изградба на нова куќа, во дворот, покрај старата на семејството, која била без основни услови за живеење и пред распаѓање, а градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров, веднаш се вклучил во акцијата и понудил помош во соработка со повеќе институции, кои ветиле градежни материјали и покуќнина. Исто така, и голем број на граѓани се понудиле да работат доброволно, и веќе се стигнало до поставување на втората плоча.

-Моментално се спрема втората плоча. Во разговорот со градоначалникот Лазар Петров, се договоривме Општината да го комплетира градежниот материјал, а јас да организирам донација за плаќање на мајсторот, вредна 1.000 евра. Овој момент е навистина, вистинскиот да заврши втората плоча, и ако времето дозволи да се стави и покривот- раскажува хуманитарецот Велковски.

Тој додава дека е потребна помош од институциите, но и од хуманите луѓе, со цел побргу да се заврши целата работа, и семејството конечно да се всели во новиот дом. -Очекуваме и помош од поединци и институции. Куќата е со 4 соби и со кујна и бања, што значи 13 на 11 метри, не е мала за 11 члена, плус за новата снаа, вкупно за 12 члена, заедно со мајката и таткото. Повикот треба да е упатен и до надлежното Министерство за социјална политика и труд.

Во разговорот во јули годинава, во Специјалниот Завод во Демир Капија, добив ветување за социјална помош и немам сознанија дали воопшто фамилијата Алимови од Бистренци ја добиваат. Доколку немаат добиено, тогаш надлежното министерство може да помогне во доградбата со градежен материјал- апелира тој. Вели дека никогаш не се сомневал во хуманоста на своите сограѓани, и дека е горд со постигнатото до сега. Започнале од ништо, а веќе новиот дом на семејството започнал да го добива својот лик.

-Вредно е да се спомне дека градежниот материјал вети дека ќе го обезбеди Шумското Стопанство од Демир Капија, со Лионс клуб Скопје (со нивната представничка Соња Зафирова) сум во преговори за обезбедување на намештајот во новата градба, а директорот на ЈП Бошава даде ветување дека одводната и канализационата мрежа тие ќе ја инсталираат. Верувам дека, здравје и со Господ напред, до крајот на наредното лето ќе ја завршиме – ни раскажа Велковски.

Минатата година тој донираше 3.000 долари за лекување на дете од Демир Капија. Вели дека сака да им помага на луѓето, но и да ја пренесе пораката дека е потребен живот во заедништво, со почит и подадена рака кон секој човек.

Вики Клинчарова

Поврзани новости