Софија Бејковска Чачоровска, дваесетидеветгодишната битолчанка која што пред неколку дена го преплива Охридското Езеро во должина од 30 километри, со цел да испрати апел дека Битола треба конечно да добие покриен базен, вели дека доколку некој од локалната самоуправа или пак од власта се решат по подвигот да и честитаат, честитањето би го прифатила лично, а реализацијата за изградба на посакуваниот базен била за општествено добро, така што кога некој би се обраќал, не би требало да и се обрати лично нејзе, туку на целата битолска јавност.
,,Околу изградбата на покриен базен во Битола, не сум апелирала досега, ако се мисли на писмено апелирање, но самата порака која ја пренесов е доволен апел до надлежните институции. Проблемот со затворен базен не е од сега, туку од многу одамна и е нереализиран проект на сите досегашни градоначаници.
Јас само си го испливав езерото и не оставив контакт за некој мене да ме контактира или лично мене да ми вети нешто. Пораката која ја испратив е да се реши проблемот со изградба на затворен базен и тоа не е само моја лична желба, за некој мене да исконтактира, туку е порака за општествено добро. И колку поскоро некој би изреагирал на соодветен начин за да се реализира изградбата на затворен базен во Битола, толку подобро, бидејќи затворениот базен Битола го чека од 1984 година кога јас не бев ни родена.
Имено, јас не ни барав некој да ме исконтактира мене, туку барам да се изгради затворен базен, како јас што барам, така и сите битолчани.
А најосновно е тоа што подвигот е за моја лична сатисфакција, а пораката е за подобрување на условите за тренирање на овој спорт во нашиот град,, – вели за ,,Фокус,, Бејковска. Нејзиниот спортски подвиг започнал од Свети Наум, и пливала се до центарот на Охрид, цели десет и пол часа.
Таа е предметен наставник по класични јазици и предава латински и старогрчки јазик во СОУ Гимназија „Јосип Броз – Тито“ – Битола. Моментално е на постдипломски студии на Филозоскиот факултет на Институтот за класични студии.
Софија уште како дете сакала да го преплива Охридското Езеро. Како дете учествувала и на мали маратони, но сфатила дека во Битола ги нема потребните услови кои што можат да и ги донесат посакуваните резултати, па продолжила да плива рекреативно. Летово тренирала дваипол месеци интензивно, а голема поддржка имала од сопругот Влатко и од тренерот Кире Марков. Вели дека си го остварила детскиот сон и се надева дека нејзиниот апел за затворен базен во Битола ќе наиде на интерес и реализација.
Вики Клинчарова