Постхумно објавено интервју со легендарниот Блек и неговата порака за Ристо Вртев

by fokus

Пишува: Вики Клинчарова

Колин Веарнкомб, познат во светот како поп пејачот Блек кој што кон крајот на осумдесетите години ја освои светската музичка сцена со хитот ,,Wonderful life,, почина на 26 јануари годинава, откако 16 дена пред тоа падна во кома, по сообраќајната несреќа која што ја доживеа во Ирска. Од неговиот продуцентски тим известуваа дека семејството и пријателите на музичарот се молеле за чудо, поради тешките повреди на мозокот со кои што тој се здобил во несреќата, која што му се случила додека патувал кон аеродромот Корк, од каде што планирал да замине во Единбург, поради снимање на песна. И покрај борбата на лекарските тимови и сите пораки со поддржка и молитвите кои што неговите фанови од сите страни на светот ги пишуваа на неговата официјална интернет страница, тој ја изгуби битката за живот, а светот изгуби еден генијален музичар.

Пред пет години ја имав честа да направам интервју со славниот британец, родум од Ливерпул, кој што тогаш веќе десеттина  години живееше во Ирска. Поради уредничката политика во медиумот за кој што пишував во тоа време, интервјуто со Блек не се објави, а себеси си ветив дека еден ден, сепак ќе и ги пренесам зборовите на легендарниот пејач на нашата јавност, бидејќи речиси и да нема човек во Македонија кој што не слушнал за него и кој што останал рамнодушен на нотите од неговиот ,,Прекрасен живот,, која што подоцна ја обработи и Ристо Вртев со ,,Архангел,, насловена како ,,Чудесен свет,,.

Постхумно ви го објавуваме интервју во целост

thumbnail_black1,,Иако можеби името Колин Веарнкомб на нашите простори ретко кој го препознава, сепак кога ќе се спомне музичарот Блек, веднаш го препознаваме и поврзуваме со неговата легендарна нумера ,,Wonderful life,,  која што во средината на осумдесттите беше светски хит, а и до ден денешен остана евергрин кој што константно се врти во етерот. Како и да е, Колин или Блек, четириесетиосум годишната музичка ѕвезда по потекло од Ливерпул со широка насмевка, со типична британска љубезност и голема професионалност веднаш ја прифати нашата покана за интервју и од се срце ги поздрави своите слушатели од Македонија, земјата која што никогаш во животот не ја посетил. Иако можеби на почетокот се сомневавме во тоа како ќе се одвиваат договорите за интервјуто со еден музичар од неговата бранша, сепак Блек на наше големо изненадување ги заобиколи сите официјалности и вообичаени процедури околу неговите менаџери и портпароли, па директно во искрен разговор одвои еден час за нас.

-Во Македонија сте препознатлив по вашиот сингл ,,Wonderful life,, како се создаде оваа песна и како се одрази на вашиот живот и кариера?

КВ – Ќе ја помнам 1985 година како ужасна година, кога по некоја случајност станав бездомник. Во еден инспиративен момент песната ми дојде сама од себе, се се случи наеднаш. Тогаш светот ми се сврте наопаку од успехот и славата што песната ми ги донесе…иако мразев да бидам славен.

-Дали досега сте ја посетиле Македонија, планирате ли да доаѓате некогаш, можеби да имате концерт овде?

КВ – Никогаш не сум бил во Македонија. Единствените нешта кои што ги знам за вашата земја се оние факти кои што сум ги прочитал од историските книги за Европа. Дури и не познавам некој кој што бил во Македонија. Но сепак, би бил многу среќен кога би добил покана да настапувам кај вас. Се додека не ме покани некој не би можел да дојдам. Исто и за останатите бивши Југословенски Републики, никогаш не сум ги посетил и искрено се надевам дека ќе добијам покана од некоја продукција, па да направам концерт и во тој дел од светот. Кога се земјите од вашиот регион во прашање, да бидам искрен, не сум слушнал ниту за еден бенд или пак музичар од тие краеви досега.

-Вие сеуште и по дваесетипет години сте во музичкиот бизнис, но сепак во нашата земја сте познат единствено по хитот ,,Чудесен свет,, колку албуми издадовте потоа и што мислите, зошто никој од нив не ја достигна популарноста на тој хит?

КВ – Издадов околу единаесет – дванаесет албуми потоа. Последниот ,,Water on stone,, е досега најдобриот. Зошто не толку популарни?! Бидејќи никој не ги слушаше?! Бидејќи не се толку добри?! Бидејќи тие не се Чудесен Свет?! Не знам и не се грижам за тоа.

thumbnail_colin1

-Кон крајот на осумдесеттите години македонскиот бенд ,,Архангел,, направи македонско – англиска верзија на вашиот хит ,,Чудесен свет,, и постигна голема популарност со таа нумера. Дали знаевте за тоа, дали некој од членовите на бендот некогаш ве контактирал?

КВ – Не, никогаш никој не ме контактирал во врска со снимката. Ви благодарам лично вам што ми ја пративте и морам да забележам, добра гитара… По малку ме потсетува на верзијата на Zucchero.

-Сигурно не сте слушнале ли ниту за Ристо Вртев, вокалистот на Архангел кој што ја пее нумерата, но што би му кажале доколку некогаш се сретнете?

КВ – Не, никогаш не сум го сретнал ниту пак сум слушнал за него. Мислам дека би му рекол – Да добиеш хит од хит е многу лесно, ајде обиди се со некоја моја подобра песна, хаха.

-Вашиот приватен живот отсекогаш бил во позадина, никогаш јавно во вашите интервјуа не раскажувате за приватноста. Би сакале ли со нас да споделите неколку детали од вашиот личен живот, како и со кого живеете, имате ли семејство?

КВ – Оженет, но разделен…моментално. Тројца синови, Максимилијан кој што има осумнаесет години, Мариус единаесет и Милан седум. Живееме во Вест Корк Ајланд, гледаме преку морето и сонуваме за универзумот кој што ни се врти над нашите глави – ни раскажа Блек, скромниот и едноставен човек кој што и покрај големата популарност се уште цврсто стои на земјата со двете нозе.

Истоа така ни спомна декаденовиве е преокупиран со промоцијата на неговиот документарен филм ,,Вода на каменот,, насловен според последниот музички албум кој што го издал пред околу осум месеци по четиригодишна пауза. Сепак, иако направил неколкугодишна пауза во издавањето на музички албум, тој е постојано активен на сцената и гостува во многу земји како на пример Германија, Чешка, Ирска и секако неговата родна Англија. А во Македонија, како што кажа, ќе дојде кога ќе добие покана. ,,

Откако го направивме интервјуто пред пет години, па до својата смрт пред околу седум месеци, тој сними уште три албуми, односно има вкупно 15 зад себе, а исто така објави и неколку збирки поезија.

Поврзани новости