Собранието го усвои ребалансот на Буџетот

by fokus

Собранието на РМ го усвои Ребалансот на Буџетот за 2018 година. Како што истакна министерот за финансии Драган Тевдовски, целта на Ребалансот е да се направат корекции на расходната страна за да се обезбеди финансиска поддршка за општините со цел отплата на дел од долговите.

-Се обезбедува финансиска поддршка на општините во висина од 3,020 милијарди денари, со цел намалување на доспеаните а неплатени обврски на општините и единките корисници основани од единиците на локалната самоуправа од областа на образованието, културата, детската и социјалната заштита-рече Тевдовски.

Владата усвои предлог-законско решение со кое овие средства ќе бидат сразмерно распределени на општините, во износ од 51% од пријавените доспеани, а неисплатени обврски. Со законското решение ќе се постави и механизам за спречување на можноста за трупање неплатени обврски во општините.

Како што велат од Министерството во Ребалансот приходната страна на Буџетот е незначително коригирана, за 0,5% надолу. Ова е резултат на: намалувањето на приходите што ги остваруваат буџетските корисници на сопствените сметки и благ пораст на социјалните придонеси. Расходната страна на Буџетот е коригирана надолу за 1,2 милијарди денари, односно за 0,5%. Нивото на буџетски дефицит е задржано на 2,7% од БДП. Со ова се задржува определбата за постепена фискална консолидација.

Со Предлог-ребалансот ревидирана е проекцијата за раст на БДП на 2,8%. Како што беше посочено, тоа се прави пред сѐ заради блокадата за влез во НАТО и ЕУ од страна на опозицијата. Интеграцијата на земјава носи безбедност и сигурност, кои се најважни при носењето одлуки од страна на инвеститорите. Неизвесноста може да влијае негативно на економијата.

Поврзани новости