Собранието вечерва со 65 гласа „за“, 18 „против“ и 8 воздржани го усвои нацрт-амандманот XXXIV на Уставот, со кој се предвидува во Преамбулата на Уставот зборовите „одлуките на АСНОМ“ да се заменат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ” и воедно се додава Охридскиот рамковен договор.
Покрај пратениците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кои имаа дијаметрално спротивставени ставови во однос на овој амандман, во расправата се вклучи и лидерот на Алијансата на Албанците Зијадин Села.
– Ние инсистираме да се дефинира како мултиетничка држава во Преамбулата. И верувам дека секој политички субјект во Собранието на еден или на друг начин го има кажано ова – рече Села.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров му реплицираше на Села дека е легитимно за овие прашања да се разговара, особено во јавната расправа што претстои.
– Не е добро чуството дека некој тука е привремено. Македонија е заедничка држава на сите нас и мислам дека е вредно за сето тоа да се дебатира – рече Димитров.
Претходно, Собранието го усвои и нацртот на амандманот XXXIII, со кој се предвидува во Уставот зборовите „Република Македонија“ да се заменат со зборовите „Република Северна Македонија“.