Собранието го разреши поранешниот генерален директор на АД ЕЛЕМ, Дејан Бошковски, од Регулаторната комисија за енергетика. На денешната пленарна седница од 62 пратеници кои гласаа, сите беа „за“ владиниот предлог за негово разрешување. Според Владата утврдени се пропусти при неговото назначување.
Во владиното образложение стои дека при именувањето, Бошковски не го исполнил условот најмалку една година пред назначувањето за член на Регулаторното тело да не бил член на надзорен или на управен одбор или на одбор на директори во друштво кое врши регулирана енергетска дејност, односно дејност – управување со води.
Бошковски беше поставен за член на Регулаторот во октомври минатата година. Претходно ја извршуваше функцијата генерален директор на ЕЛЕМ. Од таа позиција СЈО го товари за злоупотреба на службената положба при набавка на софтвер за државната компанија во вредност од четири милиони евра, кој никогаш не профункционира. Бошковски тврди дека не ја потпишал јавната набавка. Тој е првообвинет во предметот „Тарифа“ на СЈО.
Собранието го именуваше Панче Орцев за член на Комисијата на местото на Елена Маркова Велинова, на која и заврши мандатот.