Со „Зошто си ме мајко родила“, Хрватска се прости со Аки Рахимовски

by Fokus

Хрватска, земјата во која со децении живееше популарниот музичар Аки Рахимовски, во саботата, веднаш по веста за неговата смрт, со негови песни на речиси сите радио станици му оддаде почит. Во време кога бендот на својата официјална страница потврди дека Аки починал, уредничката на ХРТ, Марија Немичиќ, веднаш се упатила во просториите на националната телевизија. Во тој период се емитувала емисијата „А страна“ посветена на починатиот музичар Ратко Дујмиќ.

Среде емисија водителите Душко Чурлиќ и Иван Вукусиќ го изговориле последното збогум за Рахимовски, и веднаш потоа се започнало со емитување на инсерт од постара ,,А страна” во која Аки емотивно, со придружба на клавир ја пее „Зошто си ме мајко родила“. Потоа следуваа неговите изведби на „Битола“ и „Како што е таа чаша“. Рахимовски почина на 67 години, во Ново Место, Словенија, каде што живееше последните неколку години, заедно со партнерката Барабара и нивната ќерка која нема полни три години. Како што пренесуваат хрватските медиуми, тој пред една недела во Загреб имал зафат на срцето и му биле поставени четири стента.

По враќањето во Словенија, заедно со партнерката и ќерката решиле да заминат во природа, надвор од Ново Место, каде мајката на Барбара имала викендичка. Само што излегол од автомобилот и тргнал кон викендичката, Аки се пожалил на стегање во градите. Со помош на Барбара влегол во автомобилот, и таа го однела во Итната помош во Мало Место, но веќе било предоцна.

Блиски на музичарот известија дека тој ќе биде погребан во Загреб, а датумот на последното испраќање ќе биде дополнително објавен.

Вики Клинчарова

Поврзани новости