Како што се доближува 10 јуни, денот кога децата кои не се жители на скопската општина Карпош треба да се отпишат од градинка, така се поголем револт се јавува кај нивните родители, кои најавуваат протести и тужби со цел нивните деца да продолжат со воспитна настава таму кај што почнале пред две, три години.
Во случајот не станува збор за голема група на деца, па нивните родители само бараат барем тие што веќе посетуваат целодневен престој веќе неколку години да не бидат отпишани. Според нив, ваквата одлука на општина Карпош треба да се однесува за новозапишаните деца.
Како што веќе објави „Фокус“, тие испратиле допис и до министерството за труд и социјала, како и до народниот правобранител, од каде што бараат децата кои се веќе запишни да си останат, а ваквата одлука да важи за оние тек треба да се запишат.
„Во самата постапка за упис на нашите деца во градинка од наша страна уредно биле доставени сите барани документи, при што со овој допис, повикуваме да се разгледа и донесената одлука, „да сите веќе запишани деца, кои не се жители на општина Карпош најдоцна до 10 јуни, треба да ги испишеме, бидејќи сметаме дека не е основана и треба да стапи на сила од моментот на запишување за прием на нови деца“, се наведува во дописот испратен од засегантите родители.
Преставка била испратена и до општина Карпош во која се наведува дека е недозволиво ваквата одлука да се применува и за децата кои веќе се запишани и се згрижени во гардинките од 10,11 месеци, односно повеќе од три години од самото запишување.
Од друга страна, старо-новиот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски останува на ставот дека неодговорно е да се примаат деца во градинките од надвор, а децата од Карпош да седат дома.
„Запишувани се деца со кршење на одлуката на Совет да не се запишуваат деца од други општини, што значи дополнително е зголемен проблемот во нашата општина. Навистина е неодговорно од директорите да запишуваат деца од други општини а нивните соседи од општина Карпош да не можат да ги запишат своите дечиња, што е недозволиво“, тврдеше Јакимовски пред неколку месеци.
Ирена Мулачка