Пишува: Синоличка ТРПКОВА
Првата година што ја поминав во Холандија беше тешка. Одблизу се запознав со нешто дотогаш неискусено, невидено, ненаправено. Откако го совладав јазикот и ги минав часовите за „општествена интеграција“, сфатив дека допрва почнувам од почеток. Се јавував на телефони, аплицирав на огласи, бев подготвена на секаква работа, и покрај тоа што имав две мали деца. Доброволно се ангажирав со децата во училиште додека чекав да се отвори каква било врата.
Кога го прашав мојот професор задолжен за интеграција зошто сè уште немам работа, мe праша дали навистина сум се трудела доволно!? Цинично му одговорив дека ми останува уште да почнам да чукам од врата на врата. Тој ми возврати со чудење – „Како!? Сè уште не си го направила тоа? Па, како инаку ќе знаат дека тебе навистина ти е важно тоа што го бараш?“
Му реков дека кај нас не е баш нормално да се чука од врата на врата и да се бара работа и дека сите очекуваат некако да најдат работа на нивно ниво, каква што им прилега, било со апликации, на среќа или со врски. Се насмеа и ми рече „добредојде во вистинскиот капитализам, Синоличка“. Сфатив дека, сепак, само од мене – и од никој друг, зависат работите. И дека ништо нема да се смени додека јас самата не го сменам „ништото“.
ЧЕЛИКОТ СЕ КАЛИ И ВО КАПИТАЛИЗМОТ
Потем работев на проект за културното наследство на Југоисточна Европа во Холандија (мислам дека Холанѓаните имаат многу повеќе податоци и документација за нашата историја отколку ние!). Бев симболично платена, но добив шанса да одам напред. Узнавав што значи борба, чекор по чекор, не само за себереализирање и интеграција, туку − за опстанок!
Продолжив да волонтирам во училиштето зашто тоа го правеа и други мајки, без исклучок дали работеа или не. Иако продолжував да барам работа блиска до мојата струка, не одеше лесно, зашто често морав да патувам и по два часа до местото каде што имав можност да работам. На доброволна база. Колку за црвените теписи „надвор“ и за тоа како челикот се кали и во капитализмот.
Со време станав проактивна и послободна во потрагата по својата работа „од соништата“. Научив дека треба да го применувам сето она што го умеам и знам, дека скалите се чекорат една по една и дека нема прекутрупа. Научив да бидам трпелива, да се почитувам, но и понекогаш да прифаќам работа и „под своето ниво“, а не само да дремам и да чекам. Научив, всушност, дека човек секогаш сам си го гради патот. И дека нема да може за кусо време да се најде соодветна, добро платена работа, а камоли да се збогати, како што некои овде си мислат.
Но, исто научив и дека со чесен труд може да се живее нормален живот и со една семејна плата. Видов и дека холандското општество, со сета своја капиталистичка суровост, сепак, води грижа и за социјално загрозените и маргинализирани поединци и деца, што од мали нозе се воспитуваат да бидат самите одговорни за сопствената иднина. И дека никој не се расфрла непотребно, иако се многу побогати од нас.
На борците за човекови права можеби нема да им се бендиса овој затворен круг на создавање воспитани „робови“ што ќе го одржуваат поредокот, стандардот и социјалниот мир во едно општество. Ама, токму борбата и конкуренцијата на пазарот на луѓе и способности создава подобри и поиздржливи општества.
Општества во кои луѓето не чмаат, кукаат и чекаат некој друг да им ги реши проблемите. Општества во кои секој поединец станува свесен и одговорен за демократијата, што ја има или ја нема, зависно од тоа колку тие се ангажирале. Општества во кои тие самите преземаат одговорност за решавање на социјалните проблеми. Зашто општествените проблеми се и сечии поединечни проблеми.
КАКО ЕВРОПА ДА ЈА ЗАБОЛИ ЗА ТЕБЕ, КОГА ТЕБЕ БАШ ТЕ ЗАБОЛЕ ЗА СЕБЕ!
Како да создадеме подобро место за живеење со неработа, со неконкурентност, со пасивност, со лојалност и сервилност, со партиски книшки, со подмитливост, со седење и чекање некој друг да ни ја заврши работата? Како да изградиме праведно општество и подобра иднина ако голем дел од нас се „неопределени“ и сложно им покажуваат среден прст на сите опции, чекајќи ја вистинската, што, за жал, ја нема? Можеби ним им одговара да „не брануваат“ за да не им влезе во уста изметот во кој сме до гуша заглавени!? Можеби мислат дека со ваквиот став си ја купиле индулгенцијата, дека, ете, тие би, ама нема со кого да градат иднина. Па, ќе си попричекаат додека зазелени тревата, прпелкајќи се во ова наше меѓувреме.
Мој мил народе, и ти што скапуваш од работа за бедна плата, и ти што сè уште преживуваш без работа, и ти што не работиш, а си преплатен, ти и само ти си таа опција што може да нѐ мрдне од ова ништо. Ти си тој што создава и избира опции. Ти си тој, одговорен за ова што ни се случува. Тоа што мислиш дека Европа баш ја заболе за тебе, е само себезалажување, зашто тебе баш те заболе за себе!
За да се мисли и да се дејствува слободно, за да се бори и да се гради, за да се живее пристоен живот, потребно е многу повеќе од тоа што ти сега (не) го правиш. Твојот „среден прст“, насочен кон сите опции, без твојот ангажман, акција и одговорност е, всушност, покажан среден прст кон самиот себе, кон твојот живот овде, кон сопствената земја и иднина. За жал, тој што покажува среден прст, на крајот останува со прстот в уста!