Македонските иноватори создаваат изуми и патенти, ама македонската држава ги игнорира!

by Фокус 09:00
09:00

Текстот е објавен на 17 декември 2010 во неделникот „Фокус“ во бројот 807

Пишувала
Љубица ГРОЗДАНОВСКА ДИМИШКОВСКА

- Advertising -

Пронаоѓач на кока-колата е Американецот Џон Пембертон, кој бил ранет ветеран во битката на Колумбија во 1865 година. И како секој ранет ветеран и тој станал зависник од морфиум. Трагајќи по лек за својата зависност, почнал да експериментира со растението кока, типично за Јужна Америка, кое содржи кокаин, како и со кока виното, алкохолен пијалок кој содржел вино и кокаин. Но, сакал да направи сопствен пијалок, па така почнал да користи и кола орев, орев од кола дрво, типично за дождовните шуми во Африка, со ароматичен цвет, познат како дамиана.

Така, во 1886 година дошол до безалкохолниот пијалок кој до ден денес е толку познат, а тоа е кока-колата. Во првичната формула на овој производ имало и 8,46 милиграми кокаин. За споредба, просечната доза на дрогата на улица била помеѓу 15 и 35 милиграми. Не грижете се, модерната кока-кола не содржи никаква дрога, па ни кокаин. Пембертон завршил фармацевтско училиште при Универзитетот од Џорџија.

Дик Келти, Американец од Јужна Калифорнија бил дрводелец, но и пронаоѓач на ранецот. Постојано се шетал низ околните шуми и во еден момент се запрашал дали може да се направи некаква торба во која секој кој сака да шета и пешачи, може на едно место да спастри се што му е потребно, а рацете да му бидат слободни. Па раните педесетти години на минатиот век Келти го направил првиот ранец. Првата машина за правење еспресо е направена во Франција во 1822 година. Но, во 1933 година, д-р Ернест Или ја измислил првата автоматска еспресо машина.

Модерниот начин на спроведување на форензичарската техника во решавањето на криминалот за прв пат ја применил ФортунатусФиделис во 1598 година. Барометарот, како инструмент за мерење на атмосферскиот притисок го пронашол Евангелиста Торичели во 1643 година.

Да се вратиме два века порано. Леонардо да Винчи освен што е познат како ренесансен уметник, тој до ден денес важи и за еден од најголемите иноваторски умови. На научната емисија која се емитува на каналот Дискавери посветена токму на неговите пронајдоци, тим од научници ги оживуваат неговите изуми. Во тој процес, нивната работа задолжително се закочува во реконструкцијата бидејќи да Винчи во своите цртежи има свои иноваторски „замки“ за да не може секој да го конструира тоа што тој го осмислил.

Така пронаоѓачите функционираат до ден денешен. Некои пронајдоци дури е и тешко да се каже кога биле измислени, арно ама без нив денес не може да се замисли животот. Таков е примерот со чадорот. Тој е пронајден пред четири илјади години. За тоа има докази во античката уметност и археолошките артефакти во Египет, Сирија, Грција и Кина!

САМИ ПРОНАОЃААТ, САМИ ПРОИЗВЕДУВААТ

Големите пронајдоци скоро секогаш се пронаоѓаат, условно кажано, во гаража. Барем во земјите, да речеме како нашата, каде нема погодни услови за една идеја да се реализира во пронајдок или патент. Посебно кога се нема свест и слух од страна на државата, и кога во стопанството нема реални финансиски можности за експериментирање и за инвестирање во развој. Делумно тоа е така бидејќи не секоја идеја е пронајдок. Статистиката говори дека во Македонија во последниве 30 години се регистрирани повеќе од 13.000 патенти, изуми и иновации. Но, пронаоѓачите мора сами да инвестираат за да добијат некаков прототип. И секогаш се водени од сопствени потреби, потреби да се надгради и усоврши нешто, да се подобри животот.

Мито Златаноски е професор на Електротехничкиот факултет во Скопје, познат енергетичар и стручњак во областа на електроцентралите во Македонија. Тој е пронаоѓач повеќе од 20 години. Но, неговиот последен пронајдок е дијаметрално спротивен од досегашната практика во  енергетиката. Неговиот изум е како со космичка енергија да се исчисти почвата загадена со тешки метали. Тој тврди дека со неговиот изум може да се исчисти и почва која била изложена на радијација!

– Пред 20 години открив дека има и поинакви видови енергија, како биоенергијата и космичката енергија и живо се заинтересирав. Мојот пронајдок е во начинот на собирањето на космичката енергија, постојат одредени примачи, односно насочувачи на таа енергија кои го чистат горниот слој на почвата, во длабочина од 40 сантиметри. Не смеам да кажам какви се тие насочувачи, бидејќи тоа е тајната на изумот. Важно е дека тие не се електронски елементи, вели Златаноски.

Со ваков изум, тврди тој, може цело Миладиновци, селото покрај рафинеријата ОКТА, да се деконтаминира, како почвата, така и воздухот. Изумот секако чини многу.

– Примероци од третирање на почва со ваков метод се испитани во многу лаборатории како кај нас, така и во меѓународни рамки. Ни требаат пари да експериментираме. Ние сакаме да ова да го развиеме. Потребно е Владата да ни го овозможи тоа. Таа е запознаена со нашиот проект, но засега оттаму нема никаков одговор, категоричен е Златаноски.

Иван Поповиќ и Ванѓел Димановски се двајца иноватори од Скопје, кои откако го измислиле нивниот пронајдок и откако во 2002 година добиле Гран-при награда за него, основале сопствена фирма, која со текот на годините се покажала како единствена компанија за производство на нивниот пронајдок. Во 2002 година измислиле тростепенапренапонска заштита, за годинава пронајдокот да го усовршат во осумстепенапренапонска заштита или пластично кажано, измислиле специјални направи кои ги штитат електронските уреди од различни напони во електричната енергија и од громови. Нормално, тајната и на овој изум не се кажува.– Наши уреди се поставени на сите базни станици на Т-мобиле. Ниедна базна станица досега не е изгорена. Значи, нашиот уред, кој чини сто евра заштитува станица која чини 100.000 евра. Нашиот уред може слободно да изгори при удар од гром, но станицата никако, објаснува Димановски.

Поповиќ дошол до идеја да создаде напонски заштитни уреди запознавајќи ги супер модерните транзистори, познати како МОСВЕТ.

– Во 90-тите бевме сервисен центар на многу светски компании за електронска опрема, па во мои раце прво паѓаше најновата техничко-технолошка опрема. Тогаш и стандардите за заштита не беа на многу високо ниво, па се запрашав како тоа да се подобри доколку ги употребам новите транзистори. Кога го направивме првиот прототип на заштитниот уред, сфативме дека сме откриле нешто ново. Оттогаш сами почнавме производство, дистрибуција и маркетинг на нашиот пронајдок. Ние сме единствената фирма во моментот во Македонија која произведува ваква опрема, раскажува Поповиќ.

И тие за сега немаат поддршка од државата. Без разлика на тоа што нивната мала фирма е заснована на овој пронајдок, како и сите фирми во Македонија, и тие ги плаќаат сите давачки кон државата.

– Потребен ни е поголем пазар и стабилен партнер кој би ни овозможил извоз на нашиот производ надвор од земјава. Сѐ што сме инвестирале досега, сме инвестирале сами. Немаме намера да го продаваме патентот, бидејќи и досега сами сме го развивале, но потребна ни е поддршка, коментираат двајцата пронаоѓачи.

Славе Андев од Скопје го има тајниот рецепт за медот тартуф. Досега сме слушале за најскапото јадење во светот – печурката тартуф, која ја нема секаде и може да се најде со помош на свињи. Медот тартуф се наоѓа само во земјава и се вика така бидејќи го има истиот состав како црниот тартуф, но и истите благотворни дејства како најскапата печурка во светот. Овој мед е истражуван во МАНУ, од академик Ѓорѓи Ефремов, кој со потпис потврдува за својствата на медот тартуф.– Медот тартуф се прави од пчели кои се посебно заштитени. Токму во тоа е тајната. И се прави само на Кожуф планина, со помош на космичка енергија. Овој мед го нема никаде во светот. Ми нуделе многу пари за да го откупат рецептот, но залудно ќе го продавам кога тој може да се прави исклучиво во земјава. Странците се многу заинтересирани бидејќи не им се верува дека постои таков мед. Не сакам да водам маркетиншка кампања за медот бидејќи оставам неговиот квалитет и делотворни својства да ги откријат самите граѓани. Оваа приказна е тешко да се објасни зашто по малку изгледа и неверојатна. Затоа и инсистирав цената на медот да биде попристапна за разлика од печурката тартуф. Имам еден куп сертификати од испитувања, како домашни, така и меѓународни, кои го потврдуваат ова што јас го кажувам за медот тартуф, објаснува Андев.

Овој мед е заштитен. Рецептот е тајна, а Андев лично вложил едно мало богатство за да почне да го произведува. Медот тартуф се произведува веќе четири години. На македонскот пазар го има по цена од 800 денари за тегла од 400 грама. Овој мед веројатно ќе биде и првиот мед кој ќе почне да се извезува од Македонија зашто досега, како што посочува Андев, никој не извезувал таков производ. Кога пред две години Андев решил да го презентира медот тартуф, на презентацијата дошле само претставници на дипломатскиот кор во државава. Немало ниту еден претставник од Владата.

– Ги почитувам сите прописи и закони во државата. Еве сите до еден ги исполнуваме за извозот на медот тартуф. Факт е дека бавно се шири гласот за овој мед и многумина не знаат за него. Но, се надевам дека свеста полека ќе расте. Еве на пример, од институциите, само кај претседателот Иванов го користат медот тартуф, посочува Андев.

ОПАСНОСТ ОД ТЕХНИЧКАТА ШПИОНАЖА

Во канцеларијата на Сојузот на пронаоѓачи и автори на технички унапредувања во Македонија (СПАТУМ) седеше замислен чичко, кој облечен во трошна облека, на прв поглед изгледа дека е во тешка финансиска криза и дека очајно му треба помош. Но, излезе дека само делумно бев во право. На човекот му требаше помош или поточно совет како да го заштити и како да најде партнер за својот изум. Не сакаше да зборува за каков изум станува збор, веројатно поради стекнатата недоверба од многуте кои сакале по секоја цена да му го земат изумот.

– Има неколку вида пронаоѓачи. Оние кои имаат идеја, но останале само на идеја, тие кои својата идеја ја претвориле во прототип, а немаат пари да го развијат и оние кои успеале до крај. Има со високо образование, луѓе кои работат по една струка, а сакаат иноваторство и луѓе со понизок степен на образование, но со висок капацитет за пронајдоци. Проблемот е што откако се распадна поранешниот систем, пронаоѓачите мора за услови да се снаоѓаат сами. Порано секоја работилница во секоја фабрика беше отворена за пронаоѓачите. Фабриките дури и самите инвестираа во изумите и им нудеа разни бенефиции на нивните творци. Сега тоа го нема, коментира Коља Асенов, секретар на СПАТУМ, кој и самиот е пронаоѓач.

Тој проценува дека земјава е „плодна почва“ за иноватори, но ризикот за некој пронајдок да не успее е голем. Првенствено поради немањето условите за експериментирање, а второ, поради неизвесноста дали пазарот има потреба од таков пронајдок.

– Пронајдоците кај нас може да се патентираат во Државниот завод за заштита на индустриска сопственост. Но, техничката шпионажа денес е најопасната шпионажа во светот. Постојано учествуваме на иновациски изложби, странски иноватори доаѓаат кај нас, но и во двата случаи, секогаш има некои сомнителни и тивки типови кои од некој ќош ја набљудуваат ситуацијата. Државата мора повеќе да обрне внимание на пронајдоците, посебно тие што и се во интерес. Еве на пример, ако сакам да го продадам мојот изум, од Владата не можам да добијам потврда дека државата се откажува од мојот изум и остава отворена можност да го предадам на друга држава, објаснува Асенов.

Дека техничката шпионажа е можеби најопасната шпионажа на модерниот свет покажува еден пример од Америка. Барем на таква теорија на заговор укажуваат следбеници и истражувачи на пронајдокот на Американецот СтенлиМејер, кој измислил автомобил кој може да вози на вода како гориво!

Тој дури и јавно, на телевизиска станица од Охајо го претставил својот изум. Тој тврдел дека со 83 литри вода може да се патува од Лос Анџелес до ЊуЈорк. Нормално, ваквиот пронајдок е оспоруван од неколку научни списанија и научници, карактеризирајќи го неговото дело како псевдо-наука. Во пракса, нема документи со кои може да потврди дека системот создава доволно хидроген за да работи моторот. Но, и покрај тоа и покрај сите оспорувања, американската Влада се заинтересирала за овој пронајдок. Дури се зборува дека му бил понуден договор од 25 милиони долари, според кој Мејер го продал изумот на Владата. Ден после потпишувањето на тој договор, на 21 март 1998 година, на 58-годишна возраст, СтенлиМејер ненадејно починал после вечера во ресторан. Според официјалната аутопсија Мејер починал од церебрален анеуризам, но застапниците на теоријата на заговор тврдат дека тој бил отруен, само за да не ја развие оваа технологија, зашто тоа би ги засегнало интересите на нафтени компании и многу други индустриски гранки!

ФРЛЕНИТЕ ПАРИ ВО ВАРДАР, СЕПАК – ИСПЛИВАЛЕ!

Во Државниот завод за заштита на индустриска сопственост коментираат дека досега државата не побарала какви сѐ патенти има, а заводот пак, нема надлежност да промовира, бидејќи нема право да форсира едни патенти за сметка на други. Затоа, пронаоѓачите тоа го решиле на еден елегантен начин, на манифестациите МАКИНОВА, ЕКОНОВА и на странски иновациски саеми, на кои може да се претстават пронајдоците.

Ајде, може да го разбереме заводот за ваквиот став, но изненадува фактот што државата досега не се заинтересирала да провери какви се патенти има во Македонија. Еден пронаоѓач на ова ми рече дека има пронајдоци кои се топ тајна, посебно тие за одбраната, за кои знае само државата, односно јавноста не смее да дознае за нив по никоја цена.

Но, колку такви изуми може да има? А, што со останатите 13.000 за изминативе 30 години? Зарем нема пронајдок кој може да го подобри земјоделството, екологијата, медицината, транспортот, а да е од висок интерес за државата? Па, во ек на еден куп реформи во сите горе наведени области сигурно од корист ќе биде некој пронајдок. Факт е дека се потребни многу пари за еден пронајдок да се развие и имплементира во пракса, но наместо попусто да ги трошиме нашите пари на проекти од типот „Скопје 2014“ дел од нив можеле да се пренасочат кон иновациско-развојни центри и поддршка на пронаоѓачи-поединци!

Еден друг пронаоѓач ова многу пластично го објасни. Вели, во времето на комунизмот, кога касата била полна за сѐ и сешто, некој пронаоѓач отишол кај секретарот на тогашната Влада за да бара пари за пронајдокот. Секретарот го ислушал и му предложил целата сума за неговиот изум да му ја даде, но под услов сите пари да ги фрли во Вардар. Ако парите испливаат кај Камен мост, пронаоѓачот ќе добие финансиска помош, ако не, отишле парите во вода. Со ова секретарот сакал да каже дека парите за иновации се како пари фрлени во вода. Но, парите сепак испливале кај мостот, и овој пронајдок бил направен произведен и употребен. Што значи дека не секоја идеја и секој пронајдок е пропаст. Само треба да му се даде шанса.

Во разговор со пронаоѓачите, ни еден не рече дека неговиот пронајдок сака да го продаде на некоја станска држава, туку дека сака тој да остане во Македонија. Но, во таа верност кон државата, тие во меѓувреме не чекаат на неа, туку самите вложуваат во своите изуми, самите основаат компании, произведуваат, самите го пласираат производот на пазарот. Нормално, при тоа задоволени се сите давачки.

Кога некој пронаоѓач му докажал на македонскиот пазар, а со тоа и на Владата дека пронајдокот е успешен, зошто државата продолжува да спие и понатаму? Најтешко е да се најде сигурен партнер и излез на пазар во странство. Тогаш, да прашам, што прават владините економски промотори? Ако земјава не може да се промовира со готови и докажани пронајдоци, кои и тоа како ги има, нема потреба што понатаму да се разговара.

Затоа, некои иноватори си ја бараат иднината надвор, сами и целосно давајќи го својот производ на странски држави кои виделе потенцијал во таквиот изум. Секако дека тоа се плаќа, а договорите течат претпазливо и од двете страни. Впрочем, кој може да им замери кога нема наша институција која би го прифатила, а со тоа и би дала до знаење дека таквиот пронајдок е од државен интерес?

 

Поврзани новости