Со проект од 73.000 евра конечно над 120 неготинци кои користат помагало за движење ќе можат да прошетаат по улиците!

by Фокус

По децениски апели на граѓаните, во Неготино конечно започна реконструкцијата на тротоари на улицата „Маршал Тито“ и изведба на спуштени тротоари, со што лицата кои користат помагало за движење ќе можат да излезат од својот дом и да прошетаат без да наидуваат на бариери.

Вредноста на овој проект со кој ќе се реши долгогодишната голгота на граѓаните и ќе можат да го остварат своето право на непречено движење, кое им беше ускратено во градот, изнесува околу 73.000 евра.

Како што информира градоначалникот д-р Горан Стојанов, во општината биле регистрирани 120 лица со попреченост, од кои седум биле малолетници. Но, освен апелите на лицата со попреченост кои се движат со помош на количка и други помагала, чести беа и поплаките на родители на мали деца, кои појаснуваа дека низ градот не може непречено да се движат со колички за бебиња, не само поради тоа што нема спуштени тротоари, туку и поради уништените и на места пропаднати или испакнати тротоари.

-Со цел за надминување на пречките од физичка непристапност долж главната улица во градот која поврзува неколку важни институции и овозможување пристап до истите за сите граѓани, а посебно за 120 регистрирани лица со попреченост во општината од кои 7 се малолетници, повозрасни лица, родители кои се движат со колички и други, Општина Неготино во соработка со УНДП започна реализација на проект за реконструкција на тротоари на ул„Маршал Тито“ и изведба на спуштени тротоари.

Се реконструира тротоар во должина од 223 метри и ширина од 3,4 метри кај градскиот стадион и тротоар во должина од 328 метри и иста ширина од градската библиотека до центарот на градот, а се изведуваат и спуштени тротоари на неколку локации. Со реализацијата на проектот бенефит ќе имаат сите граѓани, ќе се овозможи подобар инфраструктурен пристап за движење на лицата со хендикеп со нивните помагала, подобар урбан изглед на градот и обезбеден пристап до поважните институциии.

Вкупната потпишана вредност на проект изнесува 3.350.000 денари од кои УНДП обезбедува околу 70 отсто од средствата, а Општина Неготино учествува со финансиски средства во висина од 1.156.762 денари, односно проектот изнесува околу 73.000 евра. Изведувач на работите е Павер трејд ДООЕЛ – истакнува Стојанов.

Уште кон крајот на 2021 година во разговор за ,,Фокус” градоначалникот изјави дека се срами што во Неготино нема услови за движење на лицата со попреченост и гарантираше решавање на проблемот. Интервјуто со него го правевме по повод Трети декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Дел од лицата кои користат помагало за движење, но и нивни роднини ги споделија своите горчливи искуства, потенцирајќи дека дури и со придружба на секој чекор биле актуелни бариерите, од неадаптирани улици без спуштени тротоари до немање на рампи за пристапност или пак имање на несоодветни рампи, колку да се каже дека ги има, со што излегувањето со количка во градот било научна фантастика.

-Јас како човек, како лекар, како градоначалник, можам за жал да кажам дека се срамам од условите, односно немањето на речиси никакви услови за лицата кои користат помагала за движење во градот. Жално е што досега не се превзело ништо по тој повод, што не се направил напор да им се олесни и така тешкото секојдневие.

Ова не е тема којашто треба да се спомнува само на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, ова е нешто кое мора да биде приоритет на цело општество секој еден ден. Ветувам дека ќе дадам се од себе, во Неготино оваа состојба со непристапноста да биде минато – истакна уште тогаш градоначалникот, појаснувајќи дека постојано добивал реакции од граѓаните на темава, и како што кажа, секоја реакција била оправдана.

Вики Клинчарова

Поврзани новости