Со полиција симнале патници од воз поради куче, МЖ: Такво е упатството, некои луѓе се плашат!

by Fokus

Еко-активистот Димче Ацков заедно со пејачката Тања Царовска и нејзината малолетна ќерка вчера биле симнати од воз кој сообраќал од Скопје кон Битола. Причината за тоа било дека пејачката со себе носела куче, нешто според прописите во Македонски железници, е дозволено само во одредени ситуации.

„Со возот во 14 часот се качивме. Не симнаа а изговор им беше што не ја носевме медицинската потврда со нас. Се буневме, ни повикаа полиција, не држеа пола час полицајците, имаше закани дека ќе не приведат и слични работи. Отидовме, ја земавме медицинската потврда и се вративме да го фатиме другиот воз во 20 часот. На тој воз исто се случи, иако имавме медицинска потврда и маска за кучето. Бевме уште погрубо пречекани од алкохолизирани кондуктери и повикано пак полиција. Таа не исфрли од возот со се сите работи и со кучето. Дојдоа замислете осум полицајци, се собраа десетина кондуктери кои не напаѓаа вербално дека сме биле кучкари и дека во македонски железници никогаш немало куче да се вози“, раскажува Ацков за целата ситуација.

Превозот на патници со воз секаде во Европа е регулиран со строго прецизирани упатства, правилници и процедури. Следствено на тоа и, ЖРСМ Транспорт АД Скопје ги има пропишано условите за превоз на патници, багаж и животни со Упатство за постапки при превоз на патници и багаж број 461/1-21/1 од 01.06.2022, донесено од Управниот Одбор на ЖРСМ Транспорт АД Скопје.

„Па според тоа од точка 2, посебно ги издвојуваме, ставот со кој се кажува дека превоз на кучиња со воз без корпа која спречува каснување, не е дозволен:

 

· Кучињата кои се превезуваат со железница, без оглед на големината, треба да бидат обезбедени со корпа која спречува касање. И ставот со кој се забранува внесување и превоз на кучиња со воз кои нема посебни купиња за изолирање на патници со кучиња:

 

· Не е дозволено внесување и превоз на кучиња во моторен воз кој нема посебни купиња за изолирање на патници кои водат кучиња со себе“, велат од МЖ Транспорт АД Скопје.

Таков бил случајот во кој се нашле тројцата патници, не биле во воз во кој има посебни купиња за изолирање на патници кои водат кучиња и останати миленици со себе.

Директорот за патнички сообраќај, Сашо Јованоски за „Фокус“ ја објаснува целата состојба, со цел во иднина да не се случуваат вакви работи.

„Патникот одбил да прикаже медицинска потврда и кучето било големо за да се стави во корпа. Во тој воз што сообраќал, познат како „кинески воз“, не постојат посебни купиња за изолирање на патници кои носат миленици. И токму поради тоа не е дозволено внесување на домашни миленици, освен ако станува збор за маче или куче од мала раса кое би го собирало во корпа“, вели Јованоски.

Тој објаснува дека постојат луѓе кои имаат фобија од кучиња, без разлика на тоа дали кучето е агресивно или не, додавајќи дека патниците не смеат да се доведат во загрозувачка состојба.

„Има патници кои се плашат од кучиња и ние не можеме да дозволиме внес на миленици. Тоа се прави со цел да се спречат понатамошни незгодни ситуации кои се случувале ви минатото. Условите мора да важат за сите. Такви услови има низ сите железнички станици во светот“, го заврши разговорот Јованоски.

Фото – Илустрација

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости