Со грутка во грлото пеевме сите, вели Ѓорчев кој ја промовираше песната за жртвите на вирусот

by Fokus

До само пред неколку месеци животот си одеше по својот нормален тек, никој не ни можеше да претпостави што го чека човештвото. Запре целиот свет, ни се променија секојдневните навики и рутината, а за жал, многу луѓе го изгубија животот поради опасниот вирус кој се надвисна над цивилизацијата. Многу семејства останаа беа своите блиски, помеѓу нив е и фамилијата на мојот драг колега Драган Вучиќ. Затоа, во чест на жртвите на вирусот, во чест на оние кои совесно ги следат препораките, кои чекаат во своите домови да помине ова зло, никна новата песна – за „Фокус” раскажува музичарот Ѓоко Ѓорчев, кој заедно со своите пријатели, музичари од земјава, вчера ја пушти во етер новата песна „Тука сме”.

Станува збор за обработка на големиот хит „Let it be”, а стиховите се дело на текстописецот Огнен Неделковски. Вокалисти во песната покрај Ѓорчев се и Кате Танева, Кристина Палија, Кате од Соната, Трио Џентлмен и Ирена и Филип Стевановски, а поради состојбата со Ковид – 19, секој го отпеал својот дел во посебно студио. Се снимало во повеќе градови, а финалниот микс бил изработен во студио во Штип. Спонзор на проектот е винаријата Бовин.

-Немој лошо ти да мислиш, ако можеш нешто помогни, поголем од себе биди ти. Тука сме, чекаме, некој друг да признае дека бевме грешни секој ден – се дел од стиховите на нумерата.

Ѓорчев вели дека за првпат во својот живот пристапил кон некој проект со таква емоција. Раскажува дека сите музичари кои се дел од песната на некој начин биле тажни поради новиот начин на снимање, поради неможноста сите да се соберат заедно, да ја одбележат промоцијата како што тоа се случувало во минатото. Вели дека неговите колеги со грутка во грлото ги отпеале стиховите.

-За себе можам да кажам дека сум совесен кога е панедмијата во прашање, ги следам препораките на експертите, не сум од оние кои скептично гледаат на целата состојба. Пред болеста нема покажување на сила, сите сме ние исто ранливи и мора да го заштитиме сопственото и јавното здравје, секој од нас да даде свој придонес. Само така ќе ја извојуваме оваа битка. Како што се пее во стиховите, тука сме и чекаме ова да помине, секој во својот дом, затоа не треба да премногу да се жалиме и да негодуваме. Мора да се издржи. Да помислиме на здравствените работници кои не можат само да седат дома и да чекаат ова да помине, мора да бидат во жариштето и да се борат за животите на граѓаните – вели музичарот.

Додава дека се надева како пораката од песната ќе допре до пошироката јавност, но и како ќе го обедини народот.

-Сите сме заедно во ова. Да бидеме дисциплинирани, да чекаме да дојдат подобри времиња. А, ќе дојдат. И повторно ќе се пее, ќе се весели народот, ќе има дружби. Се ќе помине. Ќе останат спомените на едно време – невреме, еве, ќе остане и оваа песна како белег на се што ни се случува – раскажа Ѓорчев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости