Снимка од подготвителното рочиште што се одржа на 28 ноември, за предметот во кој им се суди на седумина вработени во УБК, а за кои обвинението го покрена Специјалното јавно обвинителство (СЈО), во текот на вчерашниот ден незаконски се најдоа на социјалните мрежи.
Постоењето на вакви снимки е легално, бидејќи судска пракса е рочиштата да се снимаат и со камера, за што судијата на почетокот на судењата ги известува сите присутни, а камерата е видлива и стои во десниот агол на судницата. Така беше и на ова подготвително рочиште, кое беше отворено за јавност а на него присуствуваше и „Фокус“. Пред да започне рочиштето, судијката Лидија Петрова ги извести присутните, дека рочиштето ќе биде тонски и видео снимено.
Проблемот не е во снимањето туку во тоа како овие снимки се најдоа во јавноста, односно кој ги изнел надвор од судот и ги објавил на социјалните мержи, бидејќи тие се само за судска употреба?
„Фокус“ побара став од Основниот суд Скопје 1 од каде што ни рекоа дека утре ќе излезат со официјален став.
На ова рочиште единствено не им беше дозволено присуството на камерманите и фоторепортерите од медиумите, бидејќи обвинетите јасно истакнаа дека не се согласуваат да бидат снимени или фотографирани.
Вработените во УБК, Специјалното јавно обвинителство ги гони за уништување на службена документација во случајот „Тврдина“, наводно поврзана со нелегалното прислушување. Главната расправа треба да се одржи на 17 јануари наредната година.
СЈО првоосомничениот Горан Грујоски го сомничи за фалсификување службена исправа, односно за уништување на документацијата поврзната со двата системи од нелегалното прислушување. Овие системи, како што претходно информираше СЈО во случајот „Тврдина“, исто така биле уништени во текот на минатата година.
Валентина Вурмо