Снимателот Ибрахим Мамути на ТВ 21 беше задржан во полициска станица 6,5 часа, поради тоа што полицијата се сомневала дека ја снимил судијката од Диво насеље, објави телевизијата 21.
„Денеска околу 12:30 минути влеговме во судница за да направиме инсерти од обвинетите, како и снимателот од сите други телевизии. Но денеска се случи нешто друго. Полицијата се сомневаше во тоа дали сум ја снимил и судијката. Еден мој колега се обиде да ја фотографира судијката, но не ја направи фотографијата. Јас бев близу него, така што полицијата помислила дека сум ја снимил јас и одеднаш станав осомничен. Потоа ми беше контролиран целиот мој материјал од камерата. Полицијата ме контролираше и во судските простории и во полициската станица, но не најдоа снимки од судијката“, изјави снимателот на Тв21, Ибрахим Мамути.
Новинарите кои беа присутни во салата велат дека судијката почнала да вика кон фотограф од Косово кој стоел до Мамути да не ја слика, по што ја повикала полицијата да интервенира и да ги избрише сликите. Косовскиот фотограф тврдел дека нема фотографии од судијката.
-Те пуштив да влезеш без акредитација, ти уште ќе ме сликаш, рекла судијката.
Инаку, фотографирањето на судијата и судскиот совет е забрането. Тоа е дозволено само за обвинетите и останатите присутни во салата.