Демократскиот сојуз на Павле Трајанов смета случајот „Агент“ треба да биде предмет на анализа на институциите, а тоа го поткрепува со повеќе тврдеа.
„Постојат низа на елементи кои отвораат сомнеж во објективноста при иницијативата и водењето на кривичната постапка против Слободан Богоевски, поранешен потсекретар на Службата за државна безбедност и адвокатите Васко Томановиќ и Владо Пешликовски кои се осудени во случајот „Агент“. Договорни-облигациони односи помеѓу повеќе субјекти, засновани согласно позитивните законски прописи, не можат ex officio да бидат трансформирани во кривично – правен процес, притоа кршејќи многу закони.
Судски одлуки кои не се поткрепени со материјални докази (без вештачење) и без постоење на основни елементи на кривични дела за кои се осудени, на пример, во овој случај недостасува кој е оштетен, како и ретроактивната примена на закони, се доволни елементи за сомнеж дека не е целта да се казнат сторители на кривични дела, туку преку овој процес, на незаконит начин, да се создаваат предуслови за да се заштитат неосновани интереси на странска оф-шор компанија“, се вели во денешното соопштение на Демократскиот сојуз.
Демократскиот сојуз предупредува дека со вакви и слични пресуди се нарушува кредибилитетот на државата и може да настанат огромни штети, кои треба да ги плати Република Македонија.
„Сметаме дека случајот „Агент“ треба да биде предмет на анализа пред Републичкиот Судски Совет, Анкетната комисија на Парламентот, како и други надлежни институции. Поаѓајќи од независноста на судскиот систем, очекувамe Врховниот суд на Република Македонија, темелно да го проучи овој случај и да донесе одлуки согласно принципите на владеење на правото и правна држава“, се наведува во реакцијата.
Инаку, во ексклузивно интервју за неделникот Фокус, Богоевски обвини дека фамилијата сака преку овој случај да приграби 30 милиони евра од буџетот.
Минатата недела Апелацискиот суд ја потврди пресудата со која Слободан Богоески, поранешен шеф на Државната безбедност (1991-1997) е осуден на 2 години затвор поради наводна злоупотреба на службената положба и перење пари во случајот со трансакциите околу земјиштето кај базенот Карпош за изградба на деловно-трговски комплекс.