Заев го повика Груевски на телевизиски дуел

by Фокус

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на вечерашната трибина во Струмица, го повика премиерот Никола Груевски на дебата, порачувајќи му самиот да избере каде сакаат да се соочат, на „Сител„, „Канал 5“ или на „МТВ“, за да, како што рече, разговараат за проблемите и за конкретни проекти.

– Од Струмица можеме да му дадеме бесплатен модел како се води општина без кредит, како се прави гасификација, како се прават подземни улици, но и тоа што е демократија, рече Заев.

Лидерот на СДСМ додаде дека најавената „бомба“ која, според него, ќе открие афери, ќе предизвика политичка разрешница.
– Оваа нова година нема да си посакаме здравје, среќа, пари, туку за 2015 ќе си посакаме Груевски да си замине. Затоа нема време за калкулирање, нема време за страв, да покажеме дека сме храбри и дека ја сакаме Македонија, истакна Заев.

Тој забележа и дека кога во државата се случувале важни работи, премиерот секогаш бил на пат во странство.

– Овие денови кога се дигнаа студентите на протест, кога се објави аферата со пасошите, Груевски како и секогаш кога се случуваат крупни работи, е надвор од државата. За да го одвлече вниманието на граѓаните предлагаат и нов грб. Грбот со лавот има политичка заднина. И светото име ВМРО го узурпираа иако е на сите нас – нагласи лидерот на СДСМ.

 

Поврзани новости