Словенија сака да замине, а Србија ја турка

by Фокус

Милошевиќ, водачот на српскиот национализам, беше и заробеник на истиот тој национализам. Немаше веќе никаков избор – мораше да оди до крај, до поразот на својата држава, потоа до затворот во Хаг и конечно до својата смрт. Но, во тој момент се чувствуваше многу жив и многу силен.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

Моите говори и дискусии на конференцијата за Југославија ги пишував своерачно на англиски, најчесто пред самите пленарни сесии, во хотелска соба или во владиниот авион, во текот на летот кон Хаг или кон Брисел.

Бидејќи војните во Југославија ги прекинаа комерцијалните летови, двете авиончиња на владата, кои не ми изгледаа во добра кондиција, беа единствениот брз начин да се излезе од Македонија.

Наутро, гледајќи го минијатурниот катанец на хангарот во кој беа сместени воздухопловите, а свесен за слабите безбедносни мерки и за опасните времиња во кои живеевме, при секое полетување од скопскиот аеродром повторував во себе една мантра што од кориците на истоимената книга долета во моите мисли „Brave New World“.

И помислата дека летаме преку „непријателски територии“, од кои лесно се пука врз воздухоплов кој нема никаков систем на безбедност, не ми го разубавуваше денот или ноќта.

За среќа, мислите одеа и во други насоки. Вечерните летови од Хаг или од Брисел за Скопје будеа и други асоцијации.

Светлината и темнината под нас ми станаа своевидна парадигма за целта кон која се движевме како држава. Блескотеше над Холандија, Белгија, Германија, Австрија – осветлени градови, села, па дури и автопати…

Веќе над Словенија светлата полека се гасеа. Над Хрватска и потака во темнините Босна, црната ноќ молневито го голташе блесокот на испуканите гранати насочени кон етничкиот непријател во една бесмислена војна.

КОН СВЕТЛИНАТА

Потоа следуваше навидум спокојната балканска темнина над Србија и Македонија.

Мораме да се приклучиме на светлината“, беше мислата што ме опседнуваше при секој следен лет.

Сега кога ни се укажуваше шанса да станеме дел од политиката, културата и економијата на демократска Европа, сите ние, претставници на републиките и на идните суверени држави требаше да имаме еден императив пред нас – да ѝ ставиме крај на војната на конференциската маса.

Меѓутоа, нашата „љубов“ кон светлините на Западот, за нас од Балканот, беше проблематична.

Во нашето секојдневно живеење ги сакаме производите на западната цивилизација (не можеме да живееме без автомобили, телевизори, компјутери, авиони, фрижидери, во поново време мобилните телефони и што уште не), но не ја сакаме работната етика што ги произвела.

Така и со политиката. Не можевме да разбереме дека тајната на нивната демократска Европа без граници, која живее во мир, се должи на волјата и дисциплината на нивните политичари да се спротивстават на сопствените национализми.

Конференцијата беше сериозно расклатена од војните, кои наместо да стивнуваат, се распламтуваа.

Словенија сака да замине, а Србија, со сета сила, ја турка да го стори тоа“, ми вели резигнираниот лорд Карингтон, загрижен за исходот од мировниот процес. Уште на самиот почеток на конференцијата се согласивме со Карингтон дека е важно сите републики да останат на преговарачката маса, сѐ до финалното решение на спорот.

Правното и политичкото, а не насилното расплеткување на југословенските јазли беше особено важно за двете најранливи републики – Босна и Македонија.

ЗАРОБЕНИК НА НАЦИОНАЛИЗМОТ

Предвидувањата за Босна, во која перманентно се слеваше оружјето на ЈНА, кое се повлекуваше од Словенија и Хрватска, беа дека земјата ја очекува вистинска воена катастрофа.

Залудни беа очајничките повици на Изетбеговиќ и на Силајџиќ некој да стори нешто.

Значи, по ова многу битно прашање, право или сила, се разликуваа македонските, како впрочем и босанските државни интереси од тие на Србија, Словенија и Хрватска.

Нивната моќ, вистинска или потенцијална и нивната геополитика, им овозможуваше и алтернатива на политиката на мирот.

Хрватска, за волја на вистината, тогаш војнички губеше, меѓутоа имаше силни поддржувачи во странство, на кои можеше да смета во блиска иднина.

Во обидот да ги вразуми Србите, Карингтон, како што ми рече во една пригода, го предупредил Милошевиќ во четири очи, да не се залажува со моменталните воени успеси на теренот.

Германија, му рекол во доверба, ќе ја вооружи Хрватска и таа ќе ја победи Србија. Залудно. Милошевиќ, водачот на српскиот национализам, беше и заробеник на истиот тој национализам.

Немаше веќе никаков избор – мораше да оди до крај, до поразот на својата држава, потоа до затворот во Хаг и конечно до својата смрт.

Но, во тој момент се чувствуваше многу жив и многу силен. Пукотниците во разните делови на Југославија продолжија.

Продолжија и обидите конференцијата за Југославија да произведе мир преку политичко решение на кризата.

Се подготвуваше финалето на тешкиот процес на преговарање на заеднички состанок со сите релевантни политичари на републиките и на федерацијата.

(Продолжува)

Поврзани новости