„Скромниот“ Груевски не го пријавил 20-годишното пунто во имотниот лист, а нема ниту стан

by fokus

Порталот Курир објави дека лидерот во оставка, Никола Груевски, вечерва го предводел протесниот конвој од автомобили во поддршка на притворените патриоти и тоа како што посочуваат со својот 20-годишен автомобил „фиат пунто“.

За да се увериме каков автомобил поседува Груевски го отворивме неговиот имотен лист, објавен на сајтот на Државната комисија за спречување на корупција, но таму нема податок за автомобил, односно Груевски не пријавил дека поседува возило, а ниту неговата сопруга Боркица. Затоа е нејасно зошто „скромниот“ Груевски не го пријавил овој автомобил?

Во имотниот лист на Груевски нема ниту податок за недвижнини, односно од него може да се заклучи дека ниту тој, ниту сопругата, немаат ниту стан, ниту куќа.

И натаму останува непознато на чие име е станот или становите на улицата „Павел Шатев“ во Скопје во кој живее. Опозицискиот СДСМ во 2011-та откри дека на името на мајката на премиерот Надежда Груевска има четири стана. Но, тогашниот состав на Антикорупциската комисија немаше начин како да истражува, затоа што Груевски престанал да живее во заедница со родителот и со тоа автоматски немал обврска да ги пријави становите на мајка му.

Сепак Груевски пријавил дека поседува 33 уметнички слики, во вредност од 11.000 евра, а останатите податоци се за парите кои ги има во банка. Па така, Груевски има 7.318 франци, 39.000 евра и10.000.000 денари.

На име на неговата сопруга пак навел 7.000 евра и 57.590 денари.

В.В.

Поврзани новости