Општина Центар казни 4 кафулиња во центарот на Скопје за гласна музика. Кафулињата „Интермецо“ и „Мош“ се казнети со по 13.000 евра, а „Мечос“ и „Локал 45“ со по 6.000 евра.
„Мерењата се извршени од овластена лабораторија за животна средина и мерење на ниво на бучава, со која Општината има склучен договор. Согласно извештаите од мерењата на бучава предизвикана од гласна музика, измерените вредности во сите случаи ги надминуваат дозволените гранични вредности, согласно ‘Правилникот за гранични вредности на нивото на бучава во животна средина‘.
При контролните мерења, повторно се констатирани надминувања на граничните вредности, за што локалите ‘Мош‘, ‘Мечос‘, ‘Локал 45‘ и ‘Интермецо‘ се казнети со платен налог за наплата на глоба во висина од 360.000 до 800.000 денари, во зависност од тежината на сторениот прекршок. Доколку правните лица не ја платат глобата, се поведува постапка во Основен суд“, велат од Општина Центар.
Од Општина Центар апелираат до сите управители и сопственици на угостителски објекти во општината, да се придржуваат до постоечките правилници, да имаат обзир кон жителите кои живеат во непосредна близина на нивните локали и да го почитуваат Законот за заштита од бучава во животната средина.