Утрово повторно може да се забележат преполни контејнери по скопските улици, од кои се шири лош мирис откако службите на градското претпријатие Комунална хигиена – Скопје неколку дена, во протест, одбиваа да ги празнат контејнерите.
Дел од градоначалниците на скопските општини соопштија дека се самоорганизирале за чистење на ѓубрето.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски најави дека општинските служби сами ќе почнат да го собираат отпадот од утрово,. Тој рече дека на терен ќе биде целата механизација на ЈП „ПОЦ“ , како и дополнителна опрема за собирање смет.
Градоначалниците на Аеродром и Кисела Вода, Тимчо Муцунски и Орце Ѓорѓиевски вчера најавија дека сами ќе почнат со чистење на отпадот. Синоќа со камионите собрано ѓубре тие се обидоа да го остават во скопската депонија „Дрисла“, од каде не им беше дозволен влез на депонијата.
Од видеоснимка објавена на социјалните мрежи може да се види како камион наполнет со отпад го истура ѓубрето пред „Дрисла“.
Денес со соопштение до јавноста реагираше и ЈП депонија „Дрисла“ која соопшти дека Општините Аеродром и Кисела вода немаат договор со нив за депонирање смет и дека истиот им е истечен во март година. Од скопската депонија рекоа дека со истурање на ѓубрето пред влезот на претпријатието градоначалниците Муцунски и Ѓорѓиевски направиле кривично дело против животната средина и прашуваат каде овие општини го депонираат сметот за кој тврдат дека го собираат ако немаат договор со нив.
Вчера градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, по состанокот на градскиот кризен штаб, обвини дека дел од вработените повеќе дена ја блокираат работата на Комунална хигиена поради лични интереси. Сепак таа додава дека чистење на отпадот се враќа во нормала.
„Вчера ниту институциите не успеаја да ја прекинат незаконската блокада на претпријатието. Ова е уште еден знак дека во Македонија не функционира правната држава. Од овие причини веднаш е ставен во функција кризен штаб од скопските јавни претпријатија кој има за цел да ја одржува хигиената во главниот град кои се излезени на терен и активно чистат. Јавното претпријатие Комунална хигиена веќе се враќа во нормала, функционира смената се надеваме дека веќе од утре ќе работи со целосен капацитет“, рече Арсовска