Скопје, Тетово, Куманово и Охрид со најмногу заразени од Ковид-19

by fokus

Бројот на новозаразени, според дневните статистики на Министерството за здравство се намалува, но висока е бројката на починати од вирусот. Најпогодени, според надлежните институции, се невакцинираните граѓани, поради што продолжуваат апелите за што помасовна имунизација.

Како што информираше веб страницата ourworldindata.org., според бројот на смртни случаи, минатата седмица во Европа прва е Северна Македонија со 96 починати лица, што е четврто место во светот. По Северна Македонија се Бугарија, БиХ и Косово, а Србија се наоѓа на 27. место во светот.

Според податоците што ги објави вчера Министерството за здравство во претходното деноноќие од направени 4.015 тестирања се регистрирани 365 нови случаи на КОВИД-19, 551 оздравен пациент, како и 23 починати лица, на возраст од 45 до 89 години.

Од активните 13.052 ковид случаи, најмногу, 5.833 се во Скопје. Над илјада активни случаи има во Тетово, а со висока бројка се и Куманово – 914, како и Охрид – 668, Струга – 638, Гостивар – 530, Струмица – 518,…

Министерот за здравство Венко Филипче завчера апелираше граѓаните сериозно да ја сфатат работата со коронавирусот, бидејќи како што рече, само со вакцинација е единствениот начин да постигнеме колективен имунитет и да бидеме заштитени. Посочи дека нема ниту еден аргумент зошто граѓаните не би се вакцинирале. Филипче информираше дека со есенските месеци, ризик факторите дополнително ќе се зголемуваат, луѓето повторно ќе бидат во затворени простории.

Филипче нагласи дека најавените нови мерки со кои само со примени две дози ќе може да се оди на настани, во затворени простории, во угостителски објекти и молови се логичен след на она што веќе како мерка е воведено и потенцираше дека и при следните мерки, ќе се остави доволно простор, две до три недели, за да можат граѓаните да се вакцинираат.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 186.914, на оздравени пациенти е 167.402, а на починати е 6.460.

Поврзани новости