Скопјани утре ќе се разбудат со топли радијатори

by Fokus

Исполнети се сите предуслови за нормално започнување на грејната сезона во Скопје од 15 октомври. Утре ќе бидат топли радијаторите на сите скопјани кои се приклучени на централно греење.

Тоа, како што кажа претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски на денешната прес-конференција, е овозможено со доделените три лиценци за продажба, снабдување и дистрибуција на топлинска енергија во град Скопје на денешната главна седница на РКЕ.

-Денеска донесовме три одлуки за вршење на енергетски дејности од делокругот на топлинската енергија. Лиценца за извршување на дејност регулирано производство на топлинска енергија до 30 април 2023 година доби ЕСМ продажба ДООЕЛ Скопје, лиценца за дистрибуција на топлинска енергија во траење од 35 години доби ЕСМ дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје, а лиценца за снабдување со топлинска енергија во траење од 10 години доби ЕСМ снабдување со топлина, рече Бислимоски.

Тој нагласи дека РКЕ во текот на вчерашниот ден ги добила последните неопходни документи за издавање на лиценците – Дописот со кој ПУИГ ги известил дека е раскинат договорот помеѓу ПУИГ и БЕГ дистрибуција и Доказот за бројот на вработени во ЕСМ продажба  кои ќе работат на регулирано производство на топлинска енергија.

-Со издавањето на овие лиценци се исполнети сите предуслови кои се потребни за започнување на грејната сезона во градот Скопје на 15 октомври со што греењето ќе започне од утре. Ќе важат и понатаму сите критериуми и параметри кои важеа од претходно, односно загарантираната температура ќе биде 21 степен Целзиусов, а ист како и претходно ќе биде и периодот на започнување и завршување на греењето, прецизира Бислимоски.

Поврзани новости