Продавачи на магла

by fokus

Застанува црна лимузина пред влезот на Владата,истрчува возачот и ја отвара задната десна врата. Излегува политичар во скапо одело со намуртено лице, нема гласачи и нема потреба да дели лажни насмевки.

Пишува: Звонко Давидовиќ

Од двете возила кои се придружба излегуваат телохранителите во одела и прават заштитен ѕид околу оној од црната лимузина , а околу ни жива душа. Намуртен со придружбата влегува во зданието од кое се раководи со државата, се владее со народот и се крои неговата судбина.

Сето тоа и зградата, и возилата, телохранителите, и функционерот платени од парите на народот. И тој и сите во таквите и слични згради ниту создаваат ниту привредуваат , тие само трошат, а веќе долг период и разградуваат и уништуваат.

УНИШТЕНА ГОРДОСТ И ДОСТОИНСТВО

Го уништија и она малку што функционираше, ја уништија гордоста и достоинството на овој народ, ја уништија неговата иднина и го разнебитија минатото, а во сегашноста го направија овој народ гладен.
Гладен не само за храна, гладен за спокој и сигурност, гладен за нормален живот, достоинство и вистински херои.

„Слугите” на народот, како што самите понекогаш знаат да се наречат политичарите, станаа во изминативе неколку децении слуги на сопствениот интерес, парите и моќта.

Со своето однесување, некадарноста, корумпираноста, политиканството и никаков интерес , желба и усилба да се создаде систем го натераа народот да се иселува.

Ако некогаш причина за иселувањето беше економска , денес причина за иселувањето се и несигурноста, немање на систем и немање на правна држава. И никого од политичарите и одговорните тоа не го засега, никого не погодува и не го загрижува.

Никој поради тоа не се чуствува засрамен, никој за тоа не одговара, црните лимузини, скапите одела, телохранителите и понатаму врват платени од парите на народот исто како што и џеповите на корумпираните политичари и тајкуните се полнат од парите на народот, а народот е се посиромашен и економски и духовно.

Застанува црна лимузина пред влезот на ЕУ ,истрчува возачот и ја отвара задната десна врата. Излегува политичар во скапо одело со намуртено лице како сите проблеми на светот да му легнале на плеќи, мимика и поза извежбана со години до совршенство.

Од двете возила кои се придружба излегуваат телохранителите во одела и прават заштитен ѕид околу оној од црната лимузина кого го опколуваат новинари. Одговара на новинарските прашања кратко и сигурно , извежбано и рутински ги повторува принципите и заложбите на ЕУ кои за едни важат, за други не.

Демократијата за него е растеглива категорија и матен поим кој по потреба го моделира како пластелин. Еднаквоста на народите, еднаквите права, почитувањето на суверенитетот и идентитетот на секој народ се само флоскули , зборови без содржина и значење за многу народи.

НОРМИТЕ ВАЖАТ КОГА И ОДГОВАРА НА ЕУ

Меѓународните норми важат, но само тогаш кога тоа им одговара на челниците на ЕУ. Намуртен со придружбата влегува во зданието од кое се раководи со неколку држави, се владее со народи и се кројат нивните судбини.

Правото на суверенитет и идентитет, правото на своја историја и име завршува некаде на влезот на Балканот или таканаречената југоисточна Европа.

Правото на живот, мир, благосостојба и спокој завршува таму некаде во брановите на италијанската обала и преполните чамци со бегалци и во грчките бегалски кампови.

И чамците и камповите ги наполнија колонијалните интереси на Европа и Америка затскриени зад лажната грижа за демократија во земјите кои го имаат она што на големите им треба. Политиката на грабеж и алчност им ги разори домовите, семејствата и животот на овие луѓе, засекогаш.

Истата политика, истите моќници со децении ги изгладнуваа народите на Африка, а нивната божемна грижа доведе до двојно зголемување на гладните семејства во Етиопија во 2022 година каде секојдневно умираат деца од глад.

Трагично е што политиката денес стана професија на неуките и неспособните партиски лакташи кои почитиката ја дефинираа како водење на јавни работи за приватна корист.

Апсурдно е што со народите и луѓето владеат луѓе кои незнаат да владеат со себе. Се додека и еден човек на светот умира од глад политичарите ќе бидат сејачи и продавачи на магла и демагогија.

Поврзани новости