Пишува: Ана ПАНОВСКА
Каде е Европа, сељаци едни, од власта? Наоко светнати, намирисани, со нафрлени крцкави костуми на себе, а под нив оторбешени бечви и излитени долами со мирис на лепешки.
Каде е Европа, чуми едни? Во кое трло нè напикавте? Ама така и ни треба! Ништо подобро и не заслуживме, сите, а особено ние, скопјаниве. Ние, што помирливо и немоќно го прифативме „СК 2014“. И затоа, баш ние сосема си ги заслужуваме циничните погледи и студениот сарказам кои ни ги упатува целиот нормален свет. Тој свет што со потсмев и интерес нè гледа како што се гледаат брливите мајмуни во зоолошките градини. Па, што?
Интересно е кога некој мајмун со црвен задник ќе си стави на главата шапка или ќе си навлече некое светликаво палтенце, како што се случува во побогатите зоолошки градини. Културната, отмена публика се забавува, се кикоти, чкрапа со фотоапаратите, а мајмунот, во центарот на вниманието, се обидува да се надмине себеси.
ГО ИЗБРИШАА ИДЕНТИТЕТОТ НА СКОПЈАНИ
А Скопје, навистина како гротескна скаменета зоолошка градина, досега и добро се посрамоти и неосетно однесе многу пари. Со тешко срце, како да сме се разбудиле од некој кошмарен сон, сега загрижено констатираме дека милиони и милиони народни пари биле фрлени за таа забава на власта! Кои пари, црни вие? Зар е сè во парите? Зар само до парите ви е дојдено? А идентитетот? Каде е идентитетот на скопјани?
Македонци, оставете го името! Гледајте како само за две години ефикасно се брише нечиј идентитет, во случајов нашиот, на скопјаните. И тоа не од „странски сили“, туку од нашата сопствена власт. Свестете се, зашто Скопје е само генерална проба за цела Македонија, за темелно бришење на идентитетот на сите Македонци.
Кога веќе немавме стискавец со жива сила да си го одбраниме ликот на градот од таа апашка банда, можеби требаше барем да ги поткупиме. Да соберевме сè што имаме вредно по дома, башка од буџетските пари, па да им го тутнеме во алчните раце на разбојниците само да не ни ја превртуваат куќата, да не расфрлаат и да не го кршат мебелот, да не газат крвнички по белите миризливи чаршафи, да не вршат нужда во ѓумовите на нашите баби… Ама бидна!
Деновиве, по повод 1 Мај, на социјалните мрежи се вртеа снимки од разни паради, дефилеа и други јавни собири на чистината на плоштадот во Скопје. Милина! Не, не, не е тоа жал за младост! Тоа е жал за нешто фино, нешто пријатно, жал за „жизнерадосност“, жал за еден широк простор исполнет со расположени луѓе, вљубени млади, спокојни стари, растрчани деца… жал за слобода… елеганција… култура…
Сега, штама, мувлосана камена музејска поставка, со луѓе што поминуваат како да се дел од некоја погребна церемонија. Но и ова ќе помине. Го газеле овој град секакви непријателски чизми. Како и на секоја окупација и на оваа ќе ѝ дојде крајот. А, потоа??? Богами, скопјани, има сите да засукате ракави и, ај, на ударничка акција.
СТРАВ ВИ Е, ВМРОВЦИ, ОД „ДИФЕРЕНЦИЈАЦИЈА“!
Најпрво на една строга и јасна „диференцијација“. Што? Страв ви е, вмровци, од зборот „диференцијација“! А? Ве потсетува на вашето омилено време кога со плачливото „бил сам репресиран“ му наметнавте на овој народ некоја „грижа на совест“, па, така, на готово, такви полуписмени и прости ве остави конечно историски да дојдете до израз. Бљак!
Да, диференцијација. Немате само вие адути со „долгата рака на ВМРО“ ‒ и оние претходнине во минатото имале на располагање мрачни дејанија за плашење. Црни кожни мантили и прашањето: „Никола Николовски? Не, еден спрат погоре!“ А, сега? А? Таква игра сакате? Можеби. Но, ние не сакаме. Не ви се прифаќа! Зашто, за среќа на овој народ, тоа време на кожните црни мантили релативно брзо сме го изживеале и речиси сосема сме раскрстиле со тоа зло уште многу, многу одамна.
Единствено на тоа време по малку потсетуваат оние мрачни фаци од ГДОМ. Оној господин со темно лице и мрачен поглед, со мустаќи, на кој сурат не му се насмевнува, страв да те фати; онаа револуционеркана, како божем полит-комесар, која со стрелки на светските мапи ги обележува стратегиите на големите сили; па еден „професор“, „доктор“ на науки, што салам не може да склопи една течна просто проширена реченица, како да се школувал во некое вечерно училиште за возрасни; неколку грди, исплакнати муцки кои никој не би ги забележал кога не би биле истопорени на бина.
Е, сега, во ова друштво има само еден што стрчи и едноставно не припаѓа тука. Еден хипик со долга коса, добро нахранет, на кого повеќе му личи да е некаде по стрмните и прашливи патеки на „Камел трофи“, отколку покрај онаа тетка што никако да ги расплетка историските сплетки на ВМРО, кој на кого му сместил, кој кого предал и кој од чија рака бил убиен. Мора овој хипиков да има некој голем зорт штом се замешал со овие архаичниве од „сто и една приказна“.
Значи, диференцијација! Акција! Скопјани, има да запнеме колку што можеме и да си ја испереме од лицето гнасотијата од нашето предавство и од колаборационизмот со оваа окупациска власт во уништувањето на нашиот сопствен град. Најпрвин да се расчисти плоштадот од сите гломазни надгробни споменици.
Прв курбан треба да оди споменикот „Воинот на коњ“. Не мора да оди во отпад како опремата од МВР, не мора да се раздроби и да се изгмечи, тоа чини скапо. Можеби ќе го откупи во знак на благодарност парајлијата Камчев, па да си го постави некаде во неговото пелагониско поле, за спомен на плодната колаборација со ВМРО-ДПМНЕ. Фер, нели?
ГРАДОТ УБАВ ПАК ДА НИКНЕ
Потоа сè да се расчисти. Од бетонскиот блок на Самоил до оној труп од споменик на Ченто, скромниот прилепски чаршиски витален човек, кого неповратно го нагрдија со тој споменик. Па да се тргне и онаа карпа од Јустинијан. Но, да се чува сила и за големиот планиран споменик на мајка Тереза, која во гроб ќе се превртува што нашиве на неа трошат толку силни пари, па место во светица, која со тие пари би нахранила илјадници гладни усти, ќе ја претворат во скапо платена куртизана.
Скопјани, мораме да се потрудиме како знаеме, ама од „античката“ зграда на Уставниот суд, но не само од зградата, да не остане ни камен на камен. Не само затоа што е евтин и сколиозен архитектонски производ, туку ептен ме потсетува на „клетите“ Грци, тие наши „душмани“ што цели 25 години нè тормозат и не ни даваат слободен пристап никаде, ни во ЕУ, ни во НАТО. Џабе сме се труделе да го направиме Скопје по „грчки“ вкус. Се виде, не ги докачува нашето понизно потпикување со гипсанине копии од нивниот Партенон, со кои власта имаше намера да им испрати топла, скриена порака. Ништо од тоа. И Грците се европеизирале.
Тажнава приказна за Скопје нема крај. Не е едно. Зар ќе ги оставиме бетонскине галии во Вардар од кои секој нормален останува шокиран? Но, мислам дека една од галиите ќе мораме да оставиме како споменик, да сведочи за лудилото и злосторството на ВМРО-ДПМНЕ. Како што Полјаците го оставија Аушвиц да сведочи за ѕверствата на фашизмот, така и ние ќе оставиме еден дел од „СК 2014“ што ќе сведочи за бесрамното насладување на Груевски од расоблекувањето на елегантното и спастреното Скопје и од неговото насилно, понижувачко преоблекување во карневалска, кловновска облека.
Старото руво на Скопје мора некако да се прикрпи. Градот убав пак да никне. За тоа сите ќе мора да платиме. Колку ќе чини, нека чини. Тоа мора да се искрка! За памет и поука на следните генерации. Толку милиони евра отидоа, ќе се стиснеме и нема да пропаднеме за уште едно два-три милиони кои ќе свршат голема работа за неколку ноќни уривања во ситните саати на „најмаркантните градби и споменици од ’СК 2014‘“! Ама, зошто ноќе, па не сме ние вмровци! Е, така, де, за инает!